Понекогаш во некои области од животот се чувствуваме како да сме заглавиле и тешко ни е да излеземе од ситуацијата/состојбата во која сме се нашле. Се обидуваме да направиме нешто, но не успеваме, ситуацијата останува иста. Уште полошо е кога не правиме ништо, а се чувствуваме заглавено. Длабоко низ овој начин на однесување е чувството на беспомошност за кое свесно или несвесно го чувствува особата бидејќи така е научена во нејзиниот раст и развој од дете. Оваа заглавеност е следена и со негативни мисли и негативни уверувања за себе од типот: “Ништо не сум постигнал”, “Никогаш нема да се промени ситуацијата” итн.

Се почесто клиентите се жалат на зaглавеност онаму каде што се. Тоа не е ново и непознато.Сите сме го искусиле. Причините поради кои се јавува тоа чувство на заглавеност (тоа не е чувство , туку се изразува метафорично состојбата на особата) се бројни:
*заглавени во целта- можеби целта која особата сака да ја постигне не е јасна, кристализирана, не му е добро дефинирана во умот што точно сака да постигне
*заглавени во комфор зоната- особата е предолго во комфор зона и чувствува непријатност, нелагодност, монотонија како резултат на повторувачки однесувања
*поврзано со претходното, блокирани и заглавени од стравот во комфор зоната, кој нe и дозволувана особата да посегне по нови акции
*менталните состојби на анксиозност, депресија, опсесивно-компулзивни однесувања итн често причинуваат особата да се чувствува заглавено во тој круг и да не може да излезе од симтомите кои ги чувствува. Често длабоко е чувството на беспомошност, па и безнадежност за излез од состојбата.
*заглавени во споредувањето со другите- често води кон вртење во сопствениот круг и посакување на она што другиот го има, наместо особата да погледне што таа има и кои се нејзините можности за и таа да постигне нешто со што би била задоволна
*заглавени од перфекционизам- барајќи нешто совршено се вртиме во кругот на сопственото незадоволство. Од друга страна, се блокираме да напредуваме, бидејќи се плашиме од сопствениот неуспех, па и успех.

***Себепомош**
Доколку сте заглавени во постигнувањето на целта, обидете се најнапред да проверите дали целта која сакате да ја постигнете ви е јасна. Конкретизирајте ја и поставете си мали подцели и чекорчиња за нејзино постигнување. Пр. наместо да кажете “Сакам да сменам нова работа”, конкретизирајте ја “Сакам да работам како проект менаџер во компанија, во која добро ќе ме платат и ќе се грижат за добросостојбата на вработените. За тоа ќе ми треба обука за проект менаџер, познавање на странски јазик, тимска работа, добро комуникациски способности итн”. Гледате дека веќе конкретизираната цел е веќе јасна и точно се знае кои чекори е потребно да ги преземе особата. Запрашајте се: “Што можам најмало сега направам за нешто да помрднам?”
Проверете како се чувствувате во комфор зоната. Дали ви е удобно или веќе ви е “тесна” и монотона и имате пад на енергија? Време е да се позанимавате со неа и да се охрабрите да превземете нови акции. Заедно со стравот кој сега треба да ви биде пријател, докажете си на себе си дека сте храбри и успешни во преземање на нови акции.
Немојте и да му верувате премногу на перфекционистот бидејќи ќе ве однесе во некоја друга заглавеност, можеби на друго поле. Колку можете, колку ви се вашите можности, бидете благодарни онолку колку сте успеале во нештата. Променете го и вашиот mindset бидејќи веројатно е обземен со бројни катастрофизирачки мисли или негативни мисли за себе. Видете дали има нешто добро во состојбата во која се наоѓата. Што поука можеби сте научиле?
За крај, одредете како вие би сакале да биде новата состојба. Што е потребно да вклучите или исклучите од вашиот живот. Направете нова визија за вашите промени, нов поглед за она што сакате да промените. Впуштете се во цртање како би сакале да изгледаат новитетите или креирајте приказна за вашето поле на промени.
Доколку заглавеноста трае подолго време и веќе имате промена во однесувањето до степен на анксиозност, депресивна состојба, промена во квалитетот на вашиот живот, ве охрабрувам да побарате помош од психотерапевт кој ќе ве води во процесот на “одглавување”.
