Што значи себесочувствување/себеемпатија?

Дали и колку често се критикувате или мразите себе си поради својата анксиозност или поради ваши други недостатоци? Нормално и природно е да посакаме да сме смирени, полни со самодоверба, радост како некој друг/и кои сме ги забележале како такви. Но споредувајќи се со другите и критикувајќи се себе зошто и ние не сме такви, полека ве води до себеуништување. Особено лицата кои патат од анксиозност потребно е да научат да се негуваат себе си.

Себесочувствувањето (анг. selfcompassion) значи да се третираме себе си во ситуации кога ни е тешко, кога сме забележале некои недостатоци кај нас, неуспеси итн. на начин на давање на поддршка и љубов на себе си. Тоа е истото третирање на некоја друга особа кога ќе биде тажна на пример и ние се обидуваме да ја сослушаме, да и дадеме некој совет, да ја развеселиме, да и кажеме дека сме тука за неа во било кое време итн. Или пак, забележувајќи некое дете или особа кога ќе падне или повреди и ние пристапуваме кон помош и во тие моменти ние сме со болката која ја чувствува особата и колку можеме и даваме помош и поддршка. Или пак, сочувствувањето значи да се биде љубезен кон особата која згрешила или доживеала неуспех. Клучен момент во овој поим е што ние го чувствуваме страдањето на другиот.

Себесочувствувањето значи првенствено свесно прифаќање на себе си со своите недостатоци и предности. Во моменти на направена грешка или неуспех да си дадеме целосна љубов на себе си и проштевање. Прифаќање дека не сме совршени, дека грешките се неизбежен дел од живеењето и да си кажеме: “И тоа е ок. Поминувам низ тежок период сега, но што можам сега да направам за себе?” Давање љубов на своите недостатоци и прифаќање дека секој е различен и во нешто добар и помалку добар. Наместо себекритикување кога ќе се соочиме со недостатоците, неуспесите, тоа е себеразбирање за нив и себељубезност- кој вели дека мора да се биде совршен? На крај, прифаќање на сè што е човечко, а тоа значи и соочување со фрустрации, неуспеси, ограничувања итн и прифаќање дека работите не одат секогаш онака како што ние сме наумиле според наши очекувања.

Себеемпатија неможе да се развива преку ноќ, но со тек на време и примена на стратегии за нејзино развивање ќе може особата вистински да ја применува и кај себе. Стратегиите опфаќаат себевреднување, водење грижа за себе и претворање на негативниот себеговор во позитивен.

За почеток применете ги некои од следниве активности барем еднаш дневно подолго време за развивање на себеемпатијата.

  • Запишете 3 позитивни афирмации за себе
  • Зборувајте пред огледало за 3 позитивни афирмации
  • Испратете порака на 3ца луѓе на кои сте благодарни и ги цените
  • Потрошете 1 час во денот правејќи нешто за себе во кое ќе уживате
  • Донирајте работи кои вам не ви се потребни
  • Секоја вечер запишете и ставете по едно ливче во тегла со што се гордеете на самите себе во текот на денот
  • Потсетете се на некои моменти во животот кога ви било тешко и како сте ја надминале тешкотијата
  • Потсетете се на ваши успеси изминативе 6 месеци (успех ваш околу детето, домот, на работа..)
  • Кога ќе погрешите во денот наместо “Глупав/а сум” или “Како можев тоа да го направам?” кажете си “Ок, сега погрешив тоа е сосема ок, човечко е и јас сеуште вредам”

По некое време, ќе се изненадите колку сте постигнале промена во себе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *