Во мојата дефиниција на ментално здравје тоа би значело свесно, насочено и планирано превземање активности за негување на сопствениот дух, тело и ум. Или накратко себегрижа. Себегрижата е витална за градење на отпорност против стресорите во животот. Постепено грижата за себе создава чувство на одговорност и чувство дека особата е проактивна во нејзиниот живот, односно дека таа може да си го контролира животот за добро да се чувствува. Грижата за добро ментално здравје не е себичност и не треба така да ја сфаќа, туку е нужно потребна за егзистенција на организмот. Грижата за менталното здравје подрaзбира грижа во повеќе области:

Физичка себе-грижа
Подразбира секаков вид грижа за своето тело. Колку внесуваме хранливи продукти и течности, дали доволно и квалитетно спиеме, колку сме физички активни. Важно е да научиме да си ги опуштаме мускулите на телото, напнатоста во било кој дел од телото ја чувствуваме, да практикуваме релаксација и масажи и итн.Тука би го спомнала и дишењето и неговата биолошка и психолошка важност за нас. Дишењето се одвива несвесно, но и не сме свесни колку тоа се менува со ситуации на стрес, вознемиреност, страв, покачена радост, еуфорија итн. Затоа е важно да научиме да ја смириме таа покачена состојба која веќе можеби ни го ремети секојдневното функционирање, токму започнувајќи со техниките на дишење- неколкупати длабоко дишење од стомак и полека испуштање низ уста. Да се прашаме колку од сето ова го практикуваме? Што е потребно да подобриме?
Социјална себе-грижа
Човекот по природа е социјално суштество и како такво не може да опстои во изолација од другите. Затоа е нужна потребата од негување контакти со пријателите и вклученост во социјалните случувања. Сите сме доживеале кога сме биле нерасположени, еден разговор со пријател ни го подобрило расположението и оттаму важно е негувањето на пријателствата, споделувањата меѓусебни и сета таа размена на енергија со другиот/те. Семејството е примарно место каде остваруваме контакти и дозволете си споделување нежност, гушкање со нив секојдневно и искрени разговори. Запрашајте се колку ја негувате оваа област? Какви ви се контактите со семејството и пријателите? Доволно ли се квалитетни?
Ментална (умствена) себе-грижа
Ако умот “не е здрав” тогаш и телото не е здраво и обратно. Начинот на размислување и те како влијаат за позитивно и негативно здравје кај човекот. Негативните мисли го разоруваат човекот и затоа е клучно да работиме на добросостојба на умот. Медитацијата е добар тренинг на умот и смирувачки делува на нашите мисли кои нé оптоваруваат. Понатаму практикување и вежбање на прифаќање на случувањата и нештата онакви какви се и себеприфаќање, практикување на себесочусвтвување, вежбање на некритички говор кон себе си, понатаму читање книги од области која нé интересираат, професионално надоградување. А за јакнење на мозокот добри се и игри и вежби на умот (сложувалки, домино, крстозборки и сл). Дали доволно време трошите на активности за јакнење на менталната себе-грижа?
Емоционална себе-грижа
Подразбира грижа за сопствените емоции секојдневно. Важно е да сме свесни и да научиме да ги идентификуваме емоциите кои ги чувствуваме секојдневно и да не ги потиснуваме. Туку да си дозволиме нивно прифаќање и соодветно изразување. Како се носиме и справуваме со негативните емоции кои ги чувствуваме? Споделуваме ли со некој? Затоа е добро партнерот, пријателите да ги вклучиме во животот за да ги процесираме емоциите со некого и да ги изразиме. Да не дозволиме да се гушиме во нив и да им даваме отпор да излезат. Се што се појавува од емоција кај човекот е добро и во позадина има зошто се појавила. Емоцијата носи енергија која потребно е да се канализира и истроши во околината ако сакаме добро да се чувствуваме. Колку сте свесни за вашите емоции? Како се негувате себе си во оваа област?
Духовна (спиритуална) себе-грижа
Ова може, но не е нужно да бидеме религиозни. Оваа димензија подразбира негување на сé она што нам ни дава смисла, разбирање и поврзување со универзумот. Подразбира да поставуваме цели, следење на сопствените вредности, ценење на работите и благодарност кон малите нешта кои нé опкружуваат и благодарност кон себе и своето тело, своите потенцијали кои ги имаме итн. Понатаму, подразбира и гаење на надежта како една позитивност во животот. Пронаоѓање на сопствената смисла на живеење. Да најдеме смисла и разбирање за случувањата негативни и позитивни кои ни се случуваат. Така растеме, зрееме и сме помудри. Верување дека некоја сила или Бог нé обединува сите, ни укажува, прака пораки итн. Оваа духовна себе-грижа буди квалитети кај човекот како искреност, верба, надеж, хуманост итн. Колку себе си се вложувате во спиритуалноста? И опишете ја оваа ваша димензија! Ќе ви даде еден патоказ низ живеењето.

Да напоменеме дека ако една област е разнишана, во дисбаланс, страда цел организам. Секоја со секоја област е поврзана и заедно креираат поле на активна размена на енергија со околината. Човек и околина. За добро ментално здравје потребно е воспоставување рамнотежа меѓу сите горенаведени области.
Проценете се во секоја област на себегрижа на скала од 1-10 колку во секоја област водите грижа и каде според вас би требало да ја зголемите!
