Самодовербата претставува клучен фактор во правилниот развој на децата и нивното успешно справување со стресот и конфликтите, што е од особена важност за развој на здрава возрасна особа. Самодовербата не се раѓа, туку се стекнува. Како и во сè друго, така и во нејзиниот развој, родителите имаат важна улога при нејзиното градење кај детето. Родителскиот воспитен стил на авторитарност (поставување строги правила и високи очекувања за детето и притоа омаловажување и користење физички казни), како и презаштитничкиот од друга страна, водат до создавање на слика за себе кај детето на несигурност во себе. Самодовербата е компонента од сликата за себе поврзана со перцепцијата за сопствените способности “Јас умеам, можам”, а себепочитувањето од друга страна во себе ја носи пораката “Јас вредам”.

Со оглед на тоа дека во денешно време се почесто е застапен презаштитничкиот воспитен стил кај родителите, сè повеќе несигурни деца имаме, со ниска самодоверба. Па така, тоа што би требало да го сработи детето, родителот го сработува наместо него. Понекогаш изгледа полесно родителот да ја заврши работата отколку да се соочи со нервоза, нетрпение додека детето ја обавува задачата. А последиците се наплаќаат, овојпат на штета на детето. Детето добива порака “Jaс не сум способно” зошто родителите не му веруваат дека е способно. И тоа се “гледа”, барем децата се добри запазувачи на случувањата околу.
Во развојот на самодовербата и родителите можеби ќе треба да поработат на себе. Бидејќи децата учат и усвојуваат по модел, родител кој нема изградено работни навики, неодговорен е, постојано се себекритикува, лесно се откажува од предизвикот и препреките, и детето ќе појави таков модел на однесување.
Поттикнување и градење на самодовербата кај деца
Како што напоменав, самодовербата се стекнува и родителот потребно е да вложува во нејзино градење кај себе и кај детето.
Пробајте само да му кажете да детето да ги измие садовите или да ви помогне да правите палачинки. Ќе се изненадите колку лесно ќе го прифати овој предизвик за него. Ќе ја разбудите искрата во него. Очекувајте неред и тоа е во ред, покажете трпение и радувајте се што сте го поттикнале детето и тоа покажало интерес. Давајте му одговорности, задачи соодветни за негова возраст, а каде најнапред се учи ако не во домот.
Кога детето ќе изврши некоја задача, пофалете и наградете го неговото постигнување и неговиот вложен труд. Не секогаш ќе има добар резултат, но охрабрувањето и вложениот труд пофалете ги. Бидете му поддршка и дадете му топлина во ситуациите на разочарување.
Охрабрувајте го детето и правете му промени во секојдневното функционирање. Така го поттикнувате да излезе од комфорната зона и го поттикнувате да се соочува со нови предизвици и препреки.

Кај децата од школска возраст на кои потребно им е самодоверба во учењето можете да му помогнете при учењето на почетокот, а потоа да го оставите само да научи. Ако ви бара да го проверите колку научило, за почеток проверувајте го, но не секојпат и секој предмет, туку онаму каде навистина покажува тешкотија во усвојувањето. А потоа оставете го следниот пат сам/а да се процени колку мисли дека ја научил/а лекцијата и колку е сигурен/на во себе. Полека поттикнувајте ја независноста во учењето. За секоја лекција нека се проценува самото и ќе има увид по кој предмет има најмалку и најмногу самодоверба. При учењето добра техника е зборување пред огледало и ова исто така е подготовка и полесно надминување на тремата од зборување пред другите. За вложениот труд и резултат нека си се награди самото.
Користете јога за деца и учете го стомачното длабоко дишење кое особено ќе му користи кога ќе наидува на тешкотија.
Ако детето зборува за себе дека е глупаво и неможе да ја сработи задачата или дека изгледа неубаво, разговарајте колку е реално и вистински точно тоа уверување. Дадете му поддршка и топлина од ваша страна.
Увидете во што е добро детето и развивајте го тој потенцијал. Може да биде цртање, танцување, конструирање, убаво изрзување и пишувањеили нешто друго. Покажете му дека се гордеете со него, но не поради неговите успеси и потенцијали, туку поради такво какво што е. Безусловната љубов е најважна компонента за здрав развој на личноста.
Нека детето си ги запишува своите успеси кои ги постигнало, но не само оние поврзани со училиштето. А и да си го визуeлизира својот успех (пр. да се замисли дека дава добар одговор по македонски јазик).
На крај, нудете му избор и само да одлучува што сака или не сака. Почитувајте го неговиот став и мислење, дури и спротивставувањето кон вас. Со ова го учите да си го брани својот интегритет и сопствените граници.
