За значајноста на оваа тема, психотераписките сеанси сведочат со клиенти кои имаат проблем со оваа тема. Скоро и да нема сеанса во моето искуство со која не се опфаќа оваа тема.
Кога зборуваме за граници до психотерапијата мислиме на одредена точка од каде и до каде се наоѓа нашиот простор, а од каде започнува наворешниот простор во кој се наоѓаат сите други (семејство, партнер, пријатели, познаници, луѓето на работа итн).Односно, од каде започнувам и завршувам јас, а каде започнуваат другите. Тоа е едно доживување за емоционален и физички простор меѓу нас и околината. Токму во ова поле во кое се наоѓа особата се случуваат недоволно поставени или премногу поставени граници кон другите и нема доволно баланс. Односно, особата функционоира на начин да или преслабо/или воопшто не поставува граници или премногу ригидно,цврсто ги поставува. Наоѓајќи се во едната или другата крајност особата не поставува баланс во поставувањето на границите и затоа пати. Па така, има особи кои тешко им е да кажат “Не” некому и да одбијат и спротивно од нивната волја прифаќаат сè што ќе им се понуди и затоа често се под манипулативно влијание. Овие се луѓе со слаби граници и многу длабоко несигурни особи кои од страв дека ќе бидат одбиени или отфрлени ги прифаќаат правилата, потребите на другите.
Од друга страна, има особи кои цврсто стојат до своето “Да” или “Не” што отстапки не прават и затоа овие особи се изолираат и градат еден одбранбен ѕид околу нив. Нив ќе ги препознаеме по тоа што ги идентификуваме како “недопирливи”. Овие пак, не дозволуваат другите да им се приближат, да прифатат нешто друго и тие како и претходните се длабоко несигурни особи кои не си дозволуваат размена и се изолираат. Не се свесни за нивната ранливост и бранејќи ја импулсивно реагираат и немаат доверба во другите. Но, можеби и се сфаќаат лично, па си ги поставуваат цврсто граници бидејќи се лесно сензитивни на критицизам.

Зошто е значајно да поставуваме граници? Одговорот е јасен- служи за одбрана на својот идентитет и интегритет. Но, за да го направиме тоа, потребно е да го знаеме сопствениот идентитет. Навидум тоа е лесно, но често и во психотерапската сеанса луѓето всушност тешко им е да се спознаат себеси и да одговорат на прашањето “Кој сум”. Значи, за да можеме да ги поставиме границите кон другите потребно е да се спознаеме себе си кој сме, што ми се допаѓа/не ми се допаѓа, што ме разлутува, кон што се стремам и посакувам/што ме одбива, кои се моите интереси и способности, до каде можам да си ги проширам границите итн. Ако не се познавам себе си како ќе знам каде и со кого ќе ја поставам границата, со кого поцврста,а со кого пофлексибилна, па и во која ситуација би го направила тоа. Од друга страна, поставувањето граници нуди и чувство на сигурност за себе и контрола над својот живот. Колку имам повеќе чувство дека поставувам складно граници и сум задоволна толку повеќе имам доживување дека имам контрола над мојот живот.
Начинот на поставување на граници води потекло уште од детството. Начиниот на кој родителите ги поставуваат влијае како и јас како возрасна особа ќе ги поставувам. Често девојчињата се воспитувани да бидат добри, пристојни, да не бараат премногу, децата се учат да не бараат јадење на гости или “репете” тањир. Или чести се пораките што несвесно се испраќаат кон децата “ако ме сакаш нема да ме одбиеш”, “мораш на мама да не и се лутиш”, “мораш да прифатиш сè од мама, таа знае најдобро за тебе”. И често меѓу децата е онаа караница за играчка кога му велиме на поголемото дете дека треба да попушти, бидејќи другото е помало и кај поголемото дете се јавува еден револт и лутина поради тоа бидејќи доживува неправда и одземено му е тоа што му припаѓа нему во тој момент.
Ако сумираме, отсуството или пренагласеноста на поставувањето граници е поради:
*страв од одбивање, разочараност од другите
*чувство на себичност ако ги поставиме (едно е себичност, друго е да се заземам за себе си кога сум во неволја. Првото е на штета на другиот, а заземањето за себе и важно за грижата за себе и менталното здравје бидејќи се перцепирам себе си дека мојот идентитет е во “опасност”)
*страв од чувството на вина подоцна
* одговорност за туѓите чувства
*постоење на токсичен срам
*уверувања од детството со кои сме растени
*недостаток на комуникациски вештини (како асертивно да се постават граници)
*криејќи jа својата ранливост
Затоа, за оние кои имаат проблем во поставување граници:
- работете на себе си да се спознаете кои сте и работете на самодовербата
- дефинирајте ја границата
- поставете ја границата со верба во себе во форма на изразување на вашата потреба (пр “Имам потреба да бидам малку сама сега”)
- Не се правдајте за искажаното, тоа е вашата потреба
За оние кои имаат цврсти граници:
- обидете си да си дозволите да размените искуства со другите и можеби ќе прифатите некоја идеја на начин кој вам ви се допаѓа;
- обидете се секој ден да си ја проширите границата и да пробате нешто ново можеби и видете како телото реагира на тоа;
- ако внатрешно нешто ве вознемирува и не ви дава нешто поинаку да правите, идентификувајте која емоција стои позади тоа. Дали е можеби страв? Ако да, од што е тој?
- бидете свесни дека секој човек е ранлив. Сепак споделете некое искуство со човек на кој најмногу му верувате.

Меѓутоа, поставувањето на граници не е лесно и бара навистина труд во секојдневието. Здравите граници се флексибилни, некаде помеѓу слабите и цврстите граници. Добро би било кога ги поставувате или проширувате тоа да биде во мали чекори, бидејќи во спротивно лесно може да дојдете до спротивниот пол. Чекор по чекор и доживувањето е помалку ризично и болно.
Да сумираме: Границите се нешто што нè дефинираат нам и нашиот емоционален и физички простор кој не одвојува од околината. Исклучително значајни се и важно е да научиме како балансирано да ги поставуваме бидејќи нескладното поставување доведува и до нарушување на менталното здравје. Тема која длабоко допира до суштината на нашиот идентитет.
Затоа,заземете се за вашиот живот полека, но сигурно!
