Анксиозно родителство

Станувањето родител од една страна е најубавото остварување на човекот, а од друга страна е најтешкиот предизвик за него. “Ако не си успеал во семејството, тогаш не си успеал никаде”. Односно ако исполнетоста и среќата не си ја развивал/а и негувал/а во сопственото веќе создадено семејство, тогаш никогаш неможеш да ја компензираш во ниедно друго поле. Ако си успеал/а во децата да вложиш и да ги пораснеш во независни и одговорни особи, тогаш ти си среќен и задоволен родител.

Но процесот на родителствување е и трнлив. Во ова време каде сме сведоци на разни опасности во надворешниот свет, што од насилства, што од болести, што од други негативни настани кој ја погодуваат психата на човекот, неминовно е да не се чувствува стравот за сопствената безбедност и за безбедноста на децата. Ова наметнува и една друга тема за размислување, но сепак како околински фактор и те како е битен за воспитувањето на детето и те како дополнително го засилува стравот на веќе постоечкиот анксиозен родител. Во модерново време би рекла дека човекот е сé повеќе анксиозен и заробен од сопствените стравови кои влечат корени од детството и средината во која се развива и генетската предиспозиција.

Анксиозниот родител си има работа со сопствените незавршени работи околу стравовите. Тој постојано стравува за животот, дали ќе биде сé добро. Започнувајќи уште од бременоста, мајката се прашува дали бременоста ќе се одвива добро, дали детето ќе се роди здраво, па потоа дали ќе биде успешна како мајка. И овие размислувања се нормални сé до оној степен кога не ја преминуваат границата на стравот во секојдневото функционирање, па тоа да стане повеќе оптеретување и притисок кој си го врши на себе си. Анксиозниот родител стравува и е постојано загрижен детето да не падне, да не се повреди и најдобар начин да биде сигурен дека ништо лошо нема да му се случи , е да го оттргне од такви ситуации. Па така, нема да му дозволи на детето да се качи на повисоката лизгалка, нема да му дозволи да допира песок од страв да не фати бактерија, нема да му дозволи да преспие кај другарчето или баба, дедо, тетка поради сопствениот страв да го одврзе детето од себе и поради потребата да контролира, а истовремено и недовербата во другиот. Нема да му дозволи да се “мачи” во средувањето на креветот или чашата од која пие да ја однесе во мијалникот бидејќи тоа е дете и мама или тато ќе ги направи работите за него. Или мама или тато ќе ја напишат домашната задача, за да добие 5ка детето. Ова се секојдневни ситуации кои изгледаат ситни и незначајни, но го изразуваат анксиозниот воспитен стил на родителот.

Во суштина исплашениот родител или оној кој пренесува премногу претпазлив пристап во животот и презаштитничкиот родител кој не поттикнува независност и го заштитува детето кога треба и кога не треба, се основа за развој на анксиозна личност. Се плаши да го пушти детето, стравувајќи како ќе се снајде, па постојано е позади него како сенка. (“хеликоптер родител “). Често има катастрофични размислувања што може да се случи (лоши сценарија во главата), кој го оптеретуваат во функционирањето и не си дозволува спонтаност и опуштање да доживее.

Постојат и еден вид на анксиозни критички настроени родители кои постојано се незадоволни од тоа што го прави детето и со тоа му наметнуваат високи очекувања што создава една анксиозност кај детето дека не е доволно добро ништо што и да направи и перфекционистички е настроено. Овие родители не го потенцираат тоа што добро го направило детето и се скржави за пофалби, но затоа критикувањето и селекцијата само кога ќе погреши се присутни.

Родители кој се во постојат конфликт, расправии, повредувања меѓусебно, се разделуваат па се смируваат и пак се разделуваат креираат едно базично чувство на несигурност, анксиозност во животот на детето.

Родителот пред се потребно е да ги освести сопствените стравови и да поработи тераписки на нив за да умее да ги разбере како се појавиле и на кој начин тој го ограничува духот, спонтаноста и слободата на своето дете . Велам тераписки бидејќи низ овој процес на освестување можеби ќе му биде потребна емпатска поддршка која умее терапевтот да ја даде. Сепак, останува да си простиме на себе си и на  своите родители кои нé воспитале најдобро како знаеле и умееле во тоа време. Важно е сега родителот да се соочи со својата претерана загриженост и анксиозност ако сака да “порасне” како родител заради добриот развој на детето и за себе. А бидејќи неговиот воспитен стил е нешто што го научил од своите родители и го пренесува на детето, време е сега да го пресече анксиозниот воспитен стил на следните генерации, започнувајќи токму од него како родител.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *