Се почесто присутна тема на која вреди да се обрне внимание со оглед на нивната зачестеност на јавување кај луѓето, особено кај младата популација. Статистистиката покажува дека зголемен е бројот на лица кои доживеале панични напади уште на пубертетска возраст (13,14 год)и средношколска возраст. Можеби еден период ќе запре, но како особата расте и ја акумулира енергијата во себе (зборувам за наталожени емоции, потиснати или неизразени, како и извесно незадоволство) во возрасна доба се случува особата повторно да доживее паничен напад и да се присети дека такво нешто доживеала во средношколските денови. Ова не се однесува на сите кои доживеале паничен напад, да им започне во адолесценција , има и особи кои и на возрасни години прв пат да го доживеале. Значи нема некој тек на работите како би се одвивале.

Како се опишува еден паничен напад? Тоа е еден интезивен наплив на анксиозност (во литературата ќе сретнете anxiety attack), преплавување со физиолошки симптоми карактеристични за состојба на страв. Значи симпомите се: забрзано чукање на срцето, препотување, тресење, трнење на телото, мачнина, забрзано дишење, блага вртоглавица, чувство на гушење, зуење во уши, стегање во градите, сува уста, болки во мускули, чувство на неприсутност во реалноста итн. Тоа што често ги плаши луѓето е тоа што тој напад се случува во ситуација кога организмот е мирен (пр.додека гледаат ТВ, додека шетаат или спијат) и тогаш почнува кругот да се врти. Особата се фокусира на нејзините симптоми, оди (најчесто) на прегледи на срце и др. испитувања и со неа е се во ред, а таа чувствува дека нешто не е во ред. И тотално живее во полето на “јас и симтомите” и повторно се јавува стравот “да не добијам инфаркт”, “да не полудам”, “да не умрам” и стравот се интензивира уште повеќе. Повеќе нема контрола над мислите, бидејќи тие под дејство на стравот ги создава особата уште повеќе катастрофични. И така доаѓа до момент особата да чувствува страв од стравот да не доживее уште еден паничен напад некаде надвор или да остане сама на некое место. И што се случува? Најчесто останува дома, бидејќи за неа дома е “сигурна зона”, ги избегнува социјалните контакти и дружења или пак оди на одредени места кои за неа се “сигурни”, познати(со мисла дека веројатноста таму да се случи паничен напад е мала или нема),а одбива да прифати да оди на места помалку сигурни за неа или пак најчесто тоа да биде во близина на болница (болницата е знак за сигурност дека ќе биде спасена). Како и да се манифестира кај особата (кај секого во различна манифестација), во позадина стои ирационален страв и погрешна интерепретација на паничниот напад на кој особата треба да поработи со психотерапија, а во извесни случаи поекстремни и фармаколошка терепија препишана од психијатар.
Фактори за јавување на паничен напад
-натрупан/акумулиран стрес кој не е канализиран соодветно или пак акутен стрес
-хроничен умор, исцрпеност на организмот
-интензивни физички вежби
-промена на средина
-болест (лична или во семејството)
-неразрешени внатрешни конфликти
-поголеми дози на кофеин и енергетски пијалаци и психотропни супстанци може да дадат симптоми слични на паничен напад бидејќи тие делуваат како стимуланси во организмот
Пред се, потребно е особата да направи медицински преглед и да се установи дека се во ред органски со неа (срцеви проблеми, хипертиреодизам..) за да констатира психијатарот дека станува збор за паничен напад.
Себепомош
Она што особата го прави во паничен напад е уште поголема паника.Самиот паничен напад има порака за особата. Најчесто укажува дека премногу особата собирала во себе, потиснувала емоции или извесно време акумулирала стрес и сега организмот се обидува да ја испразни таа енергија. Бидејќи анксиозност е во прашање, психотераписки особата потребно е да работи на неа за пронаоѓање на изворот и потеклото и да научи како да се справи со неа, тогаш симптомите ќе се намалат.
- Наместо да си кажете “Не паничи”слободно дозволете симптомите да излезат од вас и да го чувствувате стравот. Натрупаната енергија има потреба да излезе од вас. Нека поминат низ вас симптомите без осуда. Бидете сам/а на себе набљудувач и кажете си: “Ова е уште еден напад, еве го повторно стравот. Ова е само страв, ќе му дозволам да помине”. Симптомите ќе се намалат за некое време, нема вечно да останат. А вие ќе стекнете самодоверба дека успешно сте се справиле со него, а и ќе видите дека тој не е опасен по живот
- Потрудете се намерно сега да доживеете паничен напад. Сигурно нема да го доживеете. Но вежбајте го себеуверувањето дека тој е само интензивен страв кој ќе помине.
- Во ситуација на дереализација и деперсонализација вратете се кон себе: “Koj/a сум јас?”, “Што правам сега во овој момент?”, “Што слушам сега, кои звуци?” Пуштете музика, играјте или пејте.
Не е лесно да се доживее паничен напад, но ако го разбереме на начин да организмот алармира за нешто и ние тоа го чуеме, тогаш редно е да го сослушаме. Доколку сами неможете, побарајте психолог, психотерапевт со кој низ процес на психотерапија ќе откриеме многу за себе и промените кои се потребни да ги направиме. Доколку е констатирано панично пореметеување од психијатар, како што напоменав, влегува и фармаколошка терапија во комбинација со психотерапија.
