Симбиотска врска родител-дете

Со поимот симбиоза се означува кога два ентитета/организма стануваат едно и функционираат како едно. Имено, овој поим е биолошки поим кога два организма стануваат едно и нивното дејствување има за цел некоја корист за двата организма или едниот. Во психолошка смисла симбиозата би значело две души во едно тело. Симбиозата започнува кога бебето е во  утробата на мајката. Кога ќе излезе бебето тоа сеуште е во таква врска со мајката бидејќи целосно е зависно од неа и неговото преживување зависи од одговорот на потребите од мајката или таткото. Тоа е беспомошно само да егзистира и да се грижи за себе. Како детето расте, неговите потреби покрај за храна и сигурност стануваат посложени и побројни, особено периодот на истражување, љубопитност, бунт, па и креативно изразување, е особено важен период за стекнување независност и одвојување од родителот. Во текот на процесот на созревање, задача на родителите е да го воспитуваат детето кон тој пат со охрабрување, со мотивирање, осознавање, прифаќање и вреднување на своите способности. Само така детето ќе стекне независност и ќе порасне во автономна личност која ја прифаќа одговорноста за сопствените избори и животот општо.

Значи, здравата симбиоза во почетните месеци е добра и обезбедува чувство на сигурност, љубов на родителот кон детето, а потоа веќе преминува во штетна, патолошка.

Кога и како доаѓа до патолошка симбиоза?

Како што напоменав, како се зголемуваат потребите на детето така и детето има потреба од одвојување од секојдневните активности со родителите што физички, што психолошки. Пред сè родителот потребно е да биде свесен за сопствените ограничувања, стравови, блокади кои тој/таа ги носи со себе, и кои несвесно ги пренесува на детето, а кои повеќе се штетни отколку корисни за развојот на детето. Па така, има родители кои несвесно користат манипулации со детето, ги преувеличуваат стравовите или едноставно го гушат детето со сопствената сеприсутност и контролирачки однос во животот на детето. Детето (читај и адолесцент)  како расте тоа е сé повеќе заковано во калапот на родителот притоа преку разни форми на вербални изјави од типот: “Жртва сум за тебе”, “Сé направив за тебе”, “Не ме оставај, ќе ми се случи нешто лошо” итн со цел задржување на тој веќе т.н патолошки однос кон детето, а сега веќе адолесцентна или возрасна особа. Во суштина овој родител длабоко стравува од помислата на напуштање или одбивање и ова е еден типичен профил на зависна особа и однесување на улога на жртва. Па така детето ја прифаќа и тоа оваа улога и за себе гради уверување : “Јас не можам сам/а”, “Неспособен/на сум сам/а ” и така останува во симбиотскиот однос со родителот. Дури детето ја прифаќа улогата на Спасител кој треба и должен е да не го напушти или одбие родителот или да превземе одговорност за работи кој не е развојно зрел. Обично ова е поттикнато од родител кој својата емотивна празнина и потреби ги нема задоволено со партнерот, па детето е некоја замена за тоа.

Во суштина на детето не му е дозволено да изрази свое мислење, бунт, свои интереси и потреби, тоа е казнувано физички и психички девалваризирано за таквото пројавување од негова страна.

Излегувањето од овие синџири на симбиоза и конфлуетност е возможно пред сè со освестување на ваквиот однос со родителот, а особата потсвесно знае дека нешто не е задоволна, дека не е своја, дека постојано можеби чувствува лутина во себе или анксиозна е, депресивна, престрашена итн. Можеби умот не знае што точно станува збор, но телото и духот секогаш знаат. Такада, првичната свесност за ваквиот однос е кон добар пат кон ослободување, а потоа и работа на себеистражување на сопствените потенцијали, способности, вредности, умеења, па и блокади итн. Односно, пат кон постепено градење на сопствена автономност и одговорност за себе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *