Ова е интересна тематика за истражување и доста честа проблематика меѓу идните мајки. Многу жени се спречуваат во формирањето потомство поради стравот од породување, а некои и поради стравот од тоа како понатаму би се снашле во новата улога.

Во суштина стравот од породување е страв од соочување со болката која во тие моменти жената ја искусува. Слушајќи разни други искуства на жени, читајќи по форуми и интернет страни, тие си создаваат една застрашувачка слика за моментот на породување. Болката постои и таа е природна појава при породувањето на жената, меѓутоа стравот од нејасната иднина, неизвесноста, прави кај идната мајка да чувствува нелагодност уште во текот на бременоста. Нормално е кај бремените жени да се појават анксиозни мисли и чувства, да помислува каква ќе биде иднината, каква ќе биде таа како мајка (обично се категоризира во успешна/неуспешна) и притоа при подолго анализирање да се појави анксиозност. Никој не може да знае каква ќе биде иднината, ниту пак совршено можеме да ја контролираме. А токму сакајќи да контролираат, многу жени се спречуваат да се реализираат во оваа улога на мајка. Со анализирачките мисли кои се негативни, идните мајки се обидуваат да воспостават контрола над ситуацијата и на некој начин да си ја “олеснат” анксиозноста. Но, често, од таквите негативни исходи запаѓаат во подлабока анксиозна состојба.
Старавот од породување најчесто се јавува кај оние жени кои се првородки и досега не се соочиле со породување, како и кај оние жени кои веќе искусиле претходно измачувачко, трауматско искуство за нив породување. Или пак често во околината од нејзините баби, тетки, мајки, пријателки слушнале лошо искуство за време на породувањето, па сега си го препишуваат дека и на нив може истото да им се случи.
Овој страв и анксиозност може толку многу да порасне и да предизвика проблем во секојдневното функционирање на трудницата, а со тоа и пропуштање на уживањето и единственото уникатно искуство на секоја жена. И најважно, пропуштање на негувањето на преднаталниот период на бебето и контактот со него.
Во многу студии е докажано дека позитивните стимулации на мајката кон бебето започнуваат уште во утробата на мајката и овие првични контакти на мајката со бебето придонесуваат за побрз и поздрав развој на мозокот на бебето. Иако плацентата на бебето 10% го заштитува бебето од кортизолот (стрес хормонот), сепак долготрајната изложеност на стрес на мајката неповолно влијае врз развојот на бебето, а последиците може да се забележат после породувањето, односно да се појават проблеми во однесувањето на детето во подоцнежна возраст.
Стравот и анксиозноста од породувањето често се со симптоми на мајката како: ноќни кошмари со страшни сцени од породување, секојдневен немир, негативни мисли, брзо лушање на срцето, висок притисок, дијареа и други.
Трудниците потребно е да побараат психолошка помош доколку се соочуваат со интензивен страв кој им го ремети секојдневното функционирање или постојано се фиксирани за времето на породување. Она што би можело да биде од помош во намалување на стравот се:
- Техники на дишење- 2-3 пати вдишување низ нос и издишување 4-5 пати низ уста бавно. Со ваквото дишење би го стимулирале парасимпатичкиот нервен систем кој е одговорен за релаксација и смирување;
- Медитација. На youtube можат да се најдат многу видеа со медитација за трудници;
- Потребна е поддршка од блиските, особено од партнерот и со него да ги споделат стравовите со кои се соочуваат, а од партнерот/блиската особа се очекува да покаже емпатија кон чувствата; барајте помош, не се стискајте од срам сами да проживувате страв. Споделете што е тоа што ве плаши? Разговарајте со стравот како со особа со која расчистувате конфликт;
- Бидете свесни за сопствениот страв, но и бидете свесни дека со дополнителни катастрофични сценарија што си ги правите, само си придонесувате да влезете во зачараниот круг на анксиозноста. Времето, искуството, факторите се различни и ниедно искуство неможе да биде споредено со било кое друго.
- Поминувајте време во денот посветувајќи му се на вашето бебе. Визуелизирајте го бебето како изгледа, какви движења прави и радувајте се што се движи и покажува знаци на живот. Визелизирајте го првиот момент на физички допир со него. Замислувајте како го галите и сега додека е во вашата утроба галете го, пејте му, разговарајте со него, споделувајте љубов со него. Тоа ве чувствува. Замислувајте како бела светлина го штити вашето бебе, а вие го храните со љубов.
- Најважно, останете и бидете во сегашноста. Негувајте ги позитивните активности кои свесно ќе ги изберете овој период (кратки прошетки, хумор со пријатели и партнерот, читање книги, купување на бебешка облека, здраво готвење итн.). Не дозволувајте да живеете во иднината која сме немоќни да ја контролираме и предвидиме, оптоварувајќи се со мисли: “Што би било кога би било?”
Запомнете: Секоја жена носи храбар потенцијал во неа да се справи со предизвиците кои ја чекаат.
