За вината

Како и сите останати емоции, така и вината може да конструктивна и деструктивна. Деструктивна е доколку нејзиниот интензитет е пренагласен и долготраен. Вината е научена социјална емоција. Таа во себе го носи внатрешниот судија кој кажува што е добро, а што лошо и тој ги поставува стандардите, моралните критериуми за правилно и неправилно. Тој е нашиот проценител на однесувањето кој кажува “ова не ти беше добро”. Знае да биде добар и тогаш да има корективна функција, односно да ја поправиме грешката која сме ја направиле и да ја подобриме ситуацијата (пр.да се извиниме некому, да му помогнеме некому итн). А знае и да биде опасен судија кој го разорува нашето здравје.

Моралните стандарди се формираат во детска возраст во облик на пораки испратени од родителите кон детето и на тој начин детето усвојува од родителите што е погрешно да се прави, а што правилно. Ако родителот е насочен постојано на грешките кои ги направило детето, тоа ќе научи дека сé што прави е погрешно и тоа дете нема да развие себепочит, ќе биде несигурно и повлечено во неговото дејствување од околината, од страв дека можеби ќе биде повторно осудено од другите. Па така ќе развие една генеразлизирна вина во неговото однесување кое ќе се провлекува низ животот.

Понатаму, културата и општеството креираат норми и од нив зависи колку ние ќе се чувствуваме виновно во нашите акции или доколку ги прекршиме. Па така, некој можеби ќе чувствува вина да има вонбрачно дете во општество кое го цени бракот како институција, но некој можеби и да не ја чувствува. Дали некој ќе чувствува или нема да чувствува вина зависи од колку родителските пораки се поддржани или не поддржани во ваква ситуација, односно каква култура на норми и вредности се гајат во семејството.

За неговото деструктивно влијание по здравјето се спроведени низа истражувања кои нималку не ја потценуваат. Постои поврзаност меѓу вината и анксиозноста и депресијата, како и со низа психосоматски тегоби. Високо перфекционистичките особи се и те како чувствителни на вината и дополнително внатрешниот говор не им кажува само дека погрешиле, туку е разорно себеосудувачки и бескрупулозно себеобвинувачки.

Значајно е да бидеме свесни кога ќе ја почувствуваме. Во кој дел од телото се наоѓа и како ни зборува и што ни укажува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *