Страв од врзување во врска

Ова е тема која е многу осетлива, но постои и секако бара особата да работи на сопствениот квалитетен ангажман во врска. Станува збор за однесување на особата пропратено со чести, краткотрајни, несериозни впуштања во врска, практикување секс за една вечер или пак кога ќе дојде до сериозност во врската, особата раскинува користејќи изговори како: “Не сум за тебе”, “Во мене  е проблемот”, “Ми треба време” итн. Особата не е свесна поради кои причини вака постапува, а избегнувачкото однесување е очигледно. Колку партнерот ú се доближува, тој/таа толку повеќе го избегнува. И не му е јасно на партнерот што се случува и од каде таа промена кај него/неа.

Влегувањето во врска бара отвореност, искреност, споделување, интимност, но и токму тоа може да води до ранливост, отфрленост од партнерот што е базичниот страв во врзувањето во врска. Особата се плаши дека партнерот ќе ја “соголи” и ќе ги види сите несовршености, маани кои ги има и ќе се разочара од неа и ќе ја отфрли. А длабоко верува и дека не е достојна да биде сакана, што сето ова има врска со нејзината историја во животот.

Врзувањето кое го остварила особата во детството, примарно со мајката, игра улога во нејзиното постапување, односно врзување со партнерот во возрасниот период. Имено ако стилот на врзување кон мајката е несигурен (избегнувачки и амбивалентен), со манипулирање на потребите и емоциите на детето, со негово критикување, лажење и сл., тогаш особата ќе научи дека не е вредна за да биде сакана таква каква што е или пак не ќе знае како е да биде отворен/а, полн/а со љубов и грижа кон партнерот и така ќе остварува површни контакти со него/неа.

А можно е овој страв од врзување да настапил после искуство на болно изневерување и разочарување од претходниот партнер, па сега особата се плаши од повторно врзување поради повторување на истото сценарио.

Стравот од одбивање и отфрленост е доста моќна кочница во влегувањето во интимна врска, а од друга страна со негово свесно надминување особата ќе умее да ја искуси вистинската љубов во една квалитетна врска, како и топлина, припаѓање што е основната потреба на секој човек како социјално битие.

Со тераписка работа особата најнапред ќе стане свесна за начинот на кој постапувала во врските и ќе освести многу механизми кои ги практикувала и поради што е тоа така. Иако стравот од врзување може да има маска во облик на депресија, анксиозност или срам, особата постепено ќе умее подлабоко да се соочи со овој несвесен дел од неа и ќе научи постепено да ја прифаќа ранливоста која е неизоставен дел од секоја врска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *