Ако порано пораката за своето дете била да биде здраво, среќно и паметно дете, сега дополнително пораката би била здраво, среќно, паметно и независно дете. Поттикнувањето на независноста кај децата би требало да биде од порана возраст, а некои деца и сами покажуваат иницијатива во тоа. Кога ќе пројават иницијатива важно е да им ја дадеме поддршката и да се обидаат да пробаат во тоа што наумиле.
Кај други деца иницијативноста недостига. Или пак, родителот постојано го контролирал детето во секој чекор и презаштитнички се однесувал кон него па работата наместо детето ја извршува родителот. А и често родителот го губи трпението и не е онака како што сака тој, па се нервира и полесно и побрзо е да ја изврши работата тој наместо детето. Ваквиот начин не му е воопшто од корист на детето и тоа научува дека друг наместо него ќе му ја заврши работата па зошто би се мачело. Кое дете е зависно дете?

Дете кое постојано бара одобрение за нешто да направи или да му потврди родителот или наставичката во училиште дали добро ја сработило задачата.
Дете кое не умее да направи самото избор, па чека од родителот или друг наместо него да избере;
Дете кое е збунето, незнае да одговори кое е, што сака/не сака, дали и што му се допаѓа;
Дете кое чека од родителот да му ја смисли играта или некоја друга активност;
Дете кое и покрај групата деца, често се навраќа кај родителот или бара да биде присутен родителот блиску до неговото играње со децата;
Дете кое има потешкотија да се впушти само во играта со другите деца;
Обично зависните деца се често срамежливи, повлечени деца, несигурни и затоа го бараат присус
твото на родителот. Горенаведените каракатеристики може, но и немора да се присутни сите кај детето и секако дека се појавуваат повеќе или помалку кај сите деца, а и на порана возраст. Кога границите на ваквите однесувања ќе се надминат, родителот ги забележува знаците и станува свесен за зависноста на детето од него.
Кај овие деца потребно е да се негува и поттикнува на разни начини независноста. Потребна му е пред се сигурност, ваша поддршка и охрабрување на почетокот во смисла на испраќање порака “Ти можеш”, “Добро почна сам”, а целта е јакнење на самодовербата и самоподдршката кај него.
Вклучете го детето во вашите активности (при готвење, чистење, фрлање ѓубре итн.) Децата уживаат во овие активности и сакаат да се однесуваат како возрасни а и се чувствуваат корисно кога ќе им се пружи можност да сработат нешто во домот.
За почеток почнете со играта заедно, а потоа по некое време кажете му дека ќе одите да средите нешто и дека сте во соба ако му притребате. Можеби ќе има негодување кај него, но можете да му кажете да ве изненади и да ви покаже што самото ќе направи. Целта е постепено одвојување и осамостојување во играта.
А додека си играте практикувајте детето само да предложи игра и тоа да ја води играта, без да му кажувате како треба да прави или кои се правилата итн.
Постојано давајте му избор, за почеток меѓу две нешта. Пр. која книга да ја читате, што преферира за ручек повеќе грашак или боранија..
Поставувајте му прашања дали му се допаѓа нешто или не му се допаѓа и уважете го неговиот одговор.
Развивајте ги сетилата кај детето. Вклучете игра каде ќе ви каже како мириса некој предмет, каков е вкусот и колку нему тоа му се допаѓа или не, што чувствува кога некој одредеден предмет ќе го допре итн.
Суштината на воспитувањето кај овие деца, а и во тераписките сеанси е да станат свесни за себе, за својот идентитет, капацитети, недостатоци и да си ја јакнат самодовербата и сигурноста во себе.
