Во последно време се почесто се зборува за анксиозноста како психолошка состојба и доста е проширена во јавноста. Што поточно претставува анксиозност? Луѓето кои ја чувствуваат ја објаснуваат како немир, возбуденост, страв, загриженост дека нешто лошо ќе им се случи, страшни мисли им се вртат во главата, а од останатите симптоми ќе кажат дека чувствуваат брзо чукање на срцето, потење, тресење на телото, вкочанетост, плитко дишење, чувство на стегање во градите, немање концентрација, ноќни кошмари проследени со страв за сопственото здравје, па и проблеми со дигестија, главоболки, со сексуалноста и други бројни. На емоционално ниво симптомите се чувствување интензивен страв, чувство на беспомошност, апатичност, намалено расположение и задоволство кое понатаму при нејзино нетретирање води до депресија. Затоа и границата е блиска меѓу овие две психички состојби.
Сепак, анксиозноста нема кој не ја почувствувал, кој во поголем, кој во помал интензитет. Се појавува во ситуации кои нам ни се непознати, нови, а може и познати, но од кои неможеме да го предвидиме точно исходот и тоа исчекување, неизвесност кое го доживуваме е всушност анксиозност. Сепак блага анксиозност е потребна за да одиме напред, да покренеме акција и тогаш има стимулирачка фунција (пр. за време на наша презентација пред други луѓе на некој семинар, некоја важна работна задача, пред испит на факултет, прв состанок со партнер итн.) и нè тера да се подобриме во самото изведување на акцијата.
Проблемот со анксиозноста настанува кога таа ќе ги надмине границите во нејзиното појавување. Појавувањето е толку големо што ја спречува особата квалитетно да функционира во областите на живеење и ги чувствува интензивно споменатите симптоми, па дури и кај некои во моменти кога не си задаваат некоја задача или активност. Тогаш таа е на некое гранично ниво на свесност и потсвест, “работи во позадина”, а преку знаците од телото се појавува. Доколку симптомите се константни и долготрајни, а особата не го обработи нивниот извор тераписки, доведува до депресија и тогаш особата би морала подолготрајно да влезе во тој тераписки процес кој во многу случаеви бара и фармаколошка терапија. Анксиозноста може да се јави како резултат на јак стрес или траума и тогаш велиме дека станува збор за пострауматско стресно растројство кое си бара длабинска терапија па и во зависност од капацитетот и потенцијалот на справување со ситуацијата особата може или немора да подложи и фармаколошка терапија.

Постојат неколку вида анксиозни растројства кои се влезени во психијатриската класификација:
- генерализирано анксиозно растројство (хронична грижа за секојдневни ситуации во сите области од живеење)
- социјална анксиозност (поврзана со активности и настани од социјален карактер. Пр. страв од јавно зборување, страв од приближување на други луѓе и со нив да се комуницира итн)
- опсесивно-компулсивно пореметување (постоење на опсесивни мисли со или без компулзивна работа. Тоа се повторувачки, наметнувачки мисли кои се јавуваат и особата тешко се ослободува од нив и се обидува да ги потисне, игнорира. А компулзивни работи се изведување на повторувачки работи, ритуали како резултат на опсесивните мисли. Особата ги изведува за да си ја намали анксиозноста и на тој начин мисли дека ја контролира. Пр. постојано проверување на шпоретот, пречесто миење раце и сл.)
- панично пореметување (често јавување панични напади кои немора секогаш да доведат до панично растројство. Често се случува при обавување секојдневни активности (пр. додека пие кафе) особата одеднаш да почувствува брзо лупање на срцето, потење, чувство на гушење, вртоглавици, мачнина, главоболка и сл. Особата ова го интерпретира дека ќе доживее срцев удар, или ќе се онесвести, ќе умре и се обидува да им даде отпор на симптомите. Мислите се “Што ако + негативен/катастрофичен исход” кој понатаму резултира со долготраен образец во однесувањето. Пр. Што ако повторно се онесвестам? и особата најчесто почнува да ги избегнува социјалните активности кои ги правела и да се повлекува)
- фобии (агорафобија- страв од отворен простор, клаустрофобија- страв од затворен простор или специфични фобии- страв од кучиња, змии, инсекти, лекари, од летање, од крв, итн)
Во основата на сите овие анксиозности стои неоправдан, нереален страв кој ја предупредува особата дека нешто лошо ќе се случи. Зошто неоправдан, нереален страв кога особата сепак чувствува страв? Во суштина вистинската емоција страв се појавува кога перцепираме опасност (кога ќе наидеме на змија или голема бездна пред нас) и организмот реагира на начин “бори се или бегај”, односно се пушта црвениот аларм за можно загрозување на организмот и тогаш тој страв е оправдан, реален бидејќи има заштитна улога за да преживееме. А во анксиозните состојби нема змија, нема бездна реално, но организмот сепак перцепира опасност и се вклучува црвениот аларм на “бори се или бегај”. Односно, често е кај особата вклучен бегај. И ова е еден образец на организмот кој научил да реагира со перцепирање на опасност онаму каде другите луѓе не ја гледаат. Затоа овие стравови се ирационални и особата субјективно ги создала како резултат на претходното искуство кое го доживеала.
Како до самопомош?
Иако симптомите кои се јавуваат се непријатни, сепак со анксиозноста се избориле многу луѓе. Може да се надмине. Потребно е време, трпение, воља, тераписка работа на себе. Затоа во подлабоката форма на анксиозност нужна е работа со стручно лице психолог, псохотерапевт кој ќе ви даде потребната поддршка и водство низ терапијата. Изворот на проблемот потребно е да го најдете и терапевтот е тука со вас и затоа не срамете се да побарате стручна помош.
Долготрајната анксиозност дополнително предизвикува негативни емоции, бес, немир, загриженост и особата едноставно на погрешен начин се бори со неа. Токму клучот е во борбата. Пристапот кон борба со неа и гледајќи ја како непријател не помага. Таа се појавува зошто има што да ви каже( еден пристап кликнете овде ). Затоа пријателски пристапете ù. Колку повеќе значење на симптомите им даваме, толку повеќе стравот се зголемува и чувството на “неможам повеќе ова да го издржам”. Па колку повеќе ја контролираме толку повеќе се доживува дека ни бега од контрола, до таа мера дека ќе полудиме. Вистина е дека состојбата е непријатна, ја одзема енергијата и исцрпува, ја прави особата беспомошна, но доколку правилно и се пристапи и соочи со неа, особата ќе ја надмине. Важно е да се пристапува со целосна свесност кон неа, наместо да се бега од неа. Особата потребно е да сфати дека погрешно пристапувала во справувањето со ситуациите, ги потиснувала негативните емоции или ги избегнувала.
Слушнете ја вашата анксиозност без да и судите. Само слушајте ја. Следете ги сензациите без никакво осудување. Нека течат мислите, нека лупа срцето…Што е реално опасно за вас?
Користете медитативни техники кои ќе ве опуштат и секојпат свесно опуштајте ги мускулите на главата, рамената, стомакот, нозете, стапалата.
Дишете стомачно, свесно. Земете воздух полека низ нос и полека испуштајте низ уста. Повторете неколкупати.
Важно: Живејте во сегашноста. Не го анализирајте претерано минатото или иднината (со правење најлоши можни сценарија што би било).
Не барајте премногу грижа таму каде непостои за да се оправдате дека на тој начин сте безбедни и сигурни. Ако гледате дека со контрола само си ја влошувате состојбата, пуштете ја контролата и работите нека се одвиваат по свој тек.
Во секој дел од денот најдете или направете си нешто од што би се чувствувале корисно, вредно. Вклучете креативна работа како плетење, работа во двор, возење точак, готвење..Запомнете дека само со превземање акции ќе си ја зголемите самодовербата.
Одреден проблем може да се реши само со активно вклучување во негово решавање, а не чекање подобри времиња или работите сами да се променат. Вие сте креатор на сопствениот живот. И еве можност да превземете контрола врз него. Активно соочувајте се со последиците и превземајте одговорност за постапките зошто на тој начин вие сте слободни и креатори на вашиот живот.
Патот не е лесен, но е остварлив и постои.
Побарајте нè и контактирајте нè за помош.
