Раскинување врски

Кога двајца луѓе влегуваат во емотивна врска велиме дека има љубов меѓу нив. На почетокот врската изгледа идеално, со страст, со желба што повеќе време да поминеме со партнерот, со многу очекувања. Ова е фазата на заљубеност во која “пеперутките” летаат.

Но, ништо во денешново општество не е сигурно. Па така и љубовта меѓу двајцата партнери неможе никој да ја загарантира дека вечно ќе остане. Во денешно време лесно се раскинуваат врските и се почести се незадоволствата меѓу партнерите. Сите општествени промени влијаат врз партнерите, а тие се повеќе ја ценат својата индивидуалност, независност и си го бранат своето.

Одржувањето на љубовта во врска не е така едниставно како што изгледа. За да примиш љубов, мора и да дадеш љубов. Љубовната врска е нешто многу повеќе од заедничко поминато време или пак имање деца и продолжување на потомокот. Тука, меѓу полето на партнерите циркулираат енергии на љубов, на конфликти, очекувања и разочарувања, смеа радост, досада, сексуалност, повредување, поддршка и разбирање, емпатија, па дури и во некои врски се трпи агресивност, манипулативност, понижувања, патолошка љубомора итн.

Да се влезе во љубовна врска значи и партнерите да си дозволат да бидат ранливи и да ги доживуваат непријатните емоции. А како што се навикнуваат потребно е да научат и да се одвикнуваат еден од друг кога врската ќе прекине. А процесот на одвикнување носи  болка. Носи разочарување. Тага. Иако повеќе пати тој што е оставен, не е реткост и двајцата партнери да минуваат низ оваа фаза заради икс причини раскинување. Тагата е неминовна и мора да се доживее. Во овој период на криза, кога врската е раскината, често луѓето конзумираат алкохол или си го одвлекуваат вниманието со нешто друго, или пак постојано го обвинуваат бившиот партнер, го навредуваат, се сеќаваат на заедничките убави/неубави случувања поминати со него и сл, надевајќи се дека ќе заборават. Но вечерта соочени сами со себе не ќе можат заборават- болката и тагата се присутни. Плачењето, очајното викање кои произлегуваат од тагата и повредата имаат катарзична (ослободителна) улога и потребни му се на телото овој период. Душата боли и треба да ја ослободиме таа насобрана енергија. Тагата е нужно потребна емоција која мора да се проживее во  оваа криза. Таа покрај ослободувачката улога има и функција здраво да го преживееме тој период и да нè подготви за следниот постабилен период во кој конечна цел е прифаќање на раскинувањето.

Не е лесно. Не е лесно светот да ти се сруши. Во тој период сè изгледа безначајно, бесмислено, безнадежно. Се чувствуваме изгубено, како еден дел од животот да се сме поминале беспотребно. Плачете, викајте, тресете го телото ако тоа ви бара, пцујте насамо. “Боли, боли и ќе преболи”-така вика народот. Ќе излезете помудри и поподготвени за “новиот ” што ќе го изберете.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *