Кога постигнувањата се недоволно добри – перфекционистичка особа

Перфекционизмот како особина на личноста општеството многу ја вреднува. Никој не го одбива тој што тешко се труди сработеното да изгледа совршено. А суштината е дека тој никогаш не е задоволен со својот резултат кој го постигнал и само “турка”, “притиска” кон уште подобро и подобро и совршено, до бесконечност. Совршеноста е бесконечно многу труд кој не се постигнува. Тој не се ни обидува да го цени трудот што го вложил и не гледа напредок во истото, туку се фокусира само на совршен резултат. “Е што е тоа, ништо не “- си вели со тон на потценување. Не само што важат пораките “секогаш може подобро”, туку и мора да биде подобро. Особата и покрај тоа што добива признанија од надвор (шефот и други повисоко авторитетни особи за неа), таа не поседува внатрешна валидација за својот напредок. Се што ќе направи, само тој/таа знае секогаш најдобро да го направи и најточно зошто на никој друг не верува. Ако не доживее признание од другите тогаш следуваат размислувањата “не вредам” и се разочарува. Едвај го чека моментот некој да му/и каже: “Браво”и тогаш се чувствува добро.

Во коренот на перфекционизмот стои анксиозна проблематика. Со негативна слика за себе, полна со несигурност дали правилно ќе постапи, дали правилниот избор особата ќе го донесе итн. Особа со длабок необработен срам.

Покрај ова ја следат и дополнителни карактеристики поврзани со перфекционизмот:

Се плаши да се обиде да проба нешто ново, непознато, бидејќи може да доживее неуспех или грешка да направи. Подобро да избегне, отколку да се соочи со неуспех.

Себе си и другите ги вреднува, но и ги гледа низ призмата на успешен-неуспешен. Ако си успешен си добар, вредиш да живееш, ако не ,си глупав.

Бавно или со тешкотија ја завршува започната работа, бидејќи постојано се навраќа и проверува грешки и што подобро би направил.

Кога ќе погреши себе си се критикува, се лути, нервира и си упатува погрдни зборови.

Си поставува високи стандарди за себе, за другите луѓе

Постојано се притиска себе си за работите. Никогаш не  е доволно добро.

Перфекционизмот носи последици. Добрата страна е што со него го растеме, го развиваме сопствениот потенцијал, но ако се вплеткаме многу со него и му дозволиме да владее во нашиот живот носи негативни последици- стрес, депресивност, повлекување, ригидност, нефлексибилност, блокирање и нема развој.

Е сега, кога себе си се анализиравте, размислете дали постои човек што никогаш не погрешил. Ќе речете не, но колку за себе си си го прифаќате овој став? Сфатете ја работата како предизвик, можност нешто да се научи и напредува (затоа е ова добрата страна на перфекционизмот), а не како нешто што треба да го комплетирате точно и прецизно. Што научив додека истражував низ работната задача?

Во текот на предизвикот бидете свесни дека ќе грешите и тоа е сосема во ред. А кога ќе погрешите покажете емпатија и љубов кон себе дека и покрај грешките вие вредите, полни сте со топлина, трудољубивост, креативност и сепак вредите да живеете. Ние забораваме дека луѓето вредат поради нешто друго што го носат во себе, а не поради успешноста која ја имаат. Се додека човекот го идентификуваме со успешност, ќе патиме.

На крајот, секогаш себе си се прашувам: “Што ќе се случи ако погрешам?”…И што ако?..И што ако?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *