Хиперсензитивно дете

Го етикетирате вие и другите вашето дете како плачливо? Срамежливо, со чудно однесување? Лесно “се погодува”? Лесно ги насолзува очите кога ќе му биде упатено критика? Реагира ли со негодување на нови вкусови, миризби?Можеби често пројавува стомачни болки, покачена температура или други болки пред некој настан?

Се соочувате со предизвикот наречен хиперсензитивно дете.

Би сакала на почетокот да потенцирам дека оселивоста (хиперсензитивноста) како особина не е негативна, а за негативната конотација виновно е општеството и улогите кои тоа ги дало. Значи хиперсензитивноста како особина зависи дали ќе биде позитивна или негативна од начинот на кои и приоѓаме.

Општеството ги негува силата, храброста, непогрешливоста, моќта, а нежноста, ранливоста ги осудува, понижува и неприфаќа. Овие се оние машко-женски улоги кои општеството му ги дава на човекот преку воспитувањето и така ги обликува. Момчињата се учат да не плачат, да не покажуваат страв и други емоции, да ја изразат агресивноста и покажат “машкост”, а девојчињата се воспитуваат да бидат внимателни, грижливи, посветени, “добри, фини, културни” кон другите и дозволено е да плачат. Би рекла дека општеството е склоно кон развој на маскулината енергија бидејќи на тој начин се цени успешноста, односно владее стереотипот : “Ако си ранлив ти неможеш да успееш во општеството.”

Да се навратиме на хиперсензитивноста како особина. Детето се раѓа хиперсензитивно и многу родители мислат дека со растот и развојот ќе успее детето да ја надмине. Тоа е заблуда и потрошена енергија во нешто што сакаме да промениме, а е неможно.  Ако детето е хиперсензитивно, сигурно е и некој од родителите. Детето ја наследува од родителите и се забележува кај него уште додека е бебе. Овие бебиња се многу повеќе плачливи, потешко се смируваат, реагираат со нелагодност при промена на средината, лесно реагираат на појаки звуци или промени во светлината, можни се некои проблеми во исхраната, алергиски, кожни реакции итн. Во детска возраст тие повеќе сакаат да се издвојат сами отколку да бидат во бучна група на деца. Склони се кон перфекционизам (бурно може да реагираат ако цртежот не го избоиле како тие мислат дека треба). Не сакаат промени, ниту изненадувања (некои ниту позитивни) и би рекле дека не се спонтани и флексибилни во однесувањето.

Тоа што ги прави такви какви што се е вродениот осетлив нервен систем кој лесно знае да биде преплавен од сензациите и да бидат дефокусирани, хиперактивни, премногу возбудени и исцрпени во денот. Затоа и родителите имаат потешкотија во справувањето со хиперсензитивното дете кое поради радразливоста тешко се умирува и заспива.

Не е нималку лесно да се биде родител на хиперсензитивно дете, особено ако и мајката (ја спомнувам мајката како прва важна фигура во воспитувањето на детето, што не е ни помалку важен таткото) е хиперсензитивна. Затоа мајката потребно е да работи на сопствената хиперсензитивност (а тоа подразбира себеразбирање, себенегување, давање себељубов, себесочувствување, не критикувајќи си се, одмор, релаксација, работа на сопствените граници, стравови, отпори, изразување на креативноста итн) со цел успешно да се справи со предизвикот во воспитувањето на детето.

Сега, Ве охрабрувам да гледате од другата страна на хиперсензитивното дете, а прочитајте и зошто:

-вашето дете е одличен деталист, детектор на ситни промени (пр.ги забележува различните цветови на вашиот фустан, лакираните нокти, нова фризура итн);

-пријателски се настроени и го ценат пријателството, но и добро познаваат лаги и изневерувања;

-борци за праведност и вистина;

-оригинални се во идеите и реализатори ;

-исклучително креативни и талентирани во некоја област (во играта, во цртањето, во танцувањето, во склопувањето фигури и сл);

-бујни мечтатели и реализатори

-љубопитни;

Се што прават овие деца, прават за да се заштитат себе си од околината, бидејќи ним им е потребна сигурност и стабилност за да функционираат на начин на кои тие го посакуваат.

                                                                           (за повеќе информации Ви ја препорачувам книгата The highly sensitive child од авторката Елејн Арон која е психолог,стручњак  во полето на хиперсензитивноста)

One thought on “Хиперсензитивно дете

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *