Во текот на развојот како дете примаме разни пораки првенствено од семејството во кое се наоѓаме, а потоа и од околината во која дејствуваме. Секој според сопственото искуство пренесува на следните генерации тоа што тие го научиле, што ним им било пренесено итн. Сите стравови, знаења, ставови, уверувања…се и несвесно обликувани во нас од оние кои извршиле некакво влијание на нас. Толку сме несвесно оковани со погрешни уверувања за нас самите, што се блокираме во нашите посакувани акции.
Тие уверувања се плод на воспитувањето во текот на детството кое сме го стекнале од родители, баби, дедовци, тетки, наставници, врсниците кои извршиле влјание врз нас. Ако на некое дете постојано му биле упатувани пораки “Грда си”, “Дебела си”, “Сама неможеш тоа да го направиш” итн. тогаш особата секако ќе верува во нив и така и ќе го живее својот живот. Всушност уверувањата се е еден начин на живеење, правила на живеење. Тие се поврзани со необработени ставови, способности, граници, кои само на особата и биле наметнати.
Ако забележувате во себе некоја блокада, незадоволство која ве спречува да направите чекор напред тогаш сигурно тоа има позадина. Редно време е како возрасна особа да ги преиспитате уверувањата кои ве блокираат за да си ја ослободите креативноста и подигнете самодовербата.

