Љубомора кај деца- причини и справување

Сите емоции велиме дека се појавуваат со одредена цел. Кога станува збор за емоциите кај детето, во помала возраст неконтролирано ги изразува а потоа следува учење на стратегии и постепено контролирано однесување. Нивното изразување е експлицитно, без оглед дали станува збор за љубов. лутина, тага, љубомора. Кога сме кај љубомората, потребно е секој родител да знае дека оваа емоција е доста тешка емоција која детето ја чувствува и нималку не е лесен периодот на справување со неа. Значи, потенцирам, детето со ваша помош потребно е да научи да се справува со неа и никако не очекувајте дека таа сама од себе ќе помине бидејќи може понатаму да се појави во скриена форма и да биде причинител за многу ментални растројства.

Чести причини за појавување на љубомората кај деца:

Главно, во позадина на љубомората, родителот потребно е да биде свесен дека детето чувствува страв од губење на љубовта од значајните за него личности, чувство на небезбедност, сомнеж дека нема да биде сакано и отфрлено и затоа реакцијата е лутина насочена кон оној кој “му ја одзема”.

  1. Детето е центар на светот

Детскиот егоцентризам меѓу останатите карактеристики се издвојува и по тоа што за себе детето мисли дека е центар на светот и целата љубов, внимание треба само нему да му припадне. Родителите, оние кои презаштитнички и посесивно го воспитуваат детето,  дополнително премногу внимание му посветуваат и тоа научило дека секогаш треба некој од родителите да му обрнува многу внимание.

2. Раѓање на брат/сестра

Ова е најчеста причина за јавување на љубомора кај детето. И тоа во семејства каде има само едно братче или сестричка. Детето научено на целокупна посветеност и љубов, сега одеднаш треба да ја дели љубовта со братот/сестрата. Тоа гледа и дека мајката или таткото повеќе време му обрнуваат на помалото дете и ова претставува непријатно изненадување за него. Па кај детето родителите забележуваат регрес во однесувањето и сите работи кои самостојно ги правело дотогаш (облекување, јадење, местење собата и сл) не ги прави и се однесува како бебето, па и тоа почнува да плаче како бебе, да покажува тантруми, да врши нужда во гаќи и сл.

3. Споредба меѓу децата

Сакајќи родителот да постигне подобро однесување кај детето, тој често свесно или несвесно го споредува детето со братот/сестрата кој подобро се однесува од него во тие моменти или пак со некое друго дете. На овој начин се појавува љубомора и лутина кон “подоброто” дете, дури и кај некои деца се јавува чувство на вина, послаба самопочит.

4. Натпревар меѓу децата

Да се поттикнува натпреварувачки дух кај децата е здраво до одреден степен, со тоа го учиме детето да вложува, да се мотивира, да има воља, да постигнува доволно добри за него резултати, ја јакнеме самодовербата итн. Но натпревар од типот на академски постигнувања : “Тој е попаметен од тебе, има повеќе петки”, па често и само несвесно уважување и гордеење  на неговиот брат/сестра пред други луѓе за постигнатиот успех од родителите, води до љубомора кај другото братче/сестра. А од друга страна ако родителот гаји очекувања за детето кое неможе да ги постигне (пр. успешен математичар) води до љубомора кај оние кои можат тоа да го постигнат. Ако детето не може да биде успешен математичар, тогаш пронајдете нешто во што другото дете се истакнува- добро танцува, црта, пишува итн.

 5. Пермисивен или авторитативен воспитен стил

Ако родителот му дозволува се што детето ќе посака,тоа може да развие љубомора кон друго дете доколку и одредена играчка ја нема и сака да ја добие. Од друга страна, доколку родителот премногу го контролира детето и сака да ги следи неговите правила во воспитувањето, тоа може да развие љубомора кон другите деца што ја имаат слободата, но и чувство на помалку вредност за себе.

Справување со љубомора

Доколку не се научи детето да се справи со љубомората, тоа може да создаде чувство на помалку вредност, ниска себепочит, чувство на отфрленост, несигурност и небезбедност која понатаму низ развојот може да остави последици по менталнто здравје кај детето и однесувања од типот на агресивност, булинг, депресивност, зависничко однесување, тикови,  итн.

1. “Прочитајте” поради што детето пројавува љубомора во одредена ситуација 

Знаците поради кои детето пројавува љубомора родителот треба прво да ги препознае, како и кон кого е насочена љубомората.

2. Разговарајте за љубомората со детето

Добро е да го рефлектирате чувството на љубомора кај детето, пример јасно кажувајќи му: “Гледам дека си љубоморен/а кон сестра ти, заради тоа што ја кренав неа, а не тебе” Со експлицитно кажување вие му ја зголемувате свесноста на детето и го учите на сопствено понатамошно препознавање на емоциите. Потоа разговарајте поради што сте и посветиле пример повеќе време на неа, или убаво објаснете му ја ситуацијата кога се чувствувало така, а оставете простор тоа само да ви образложи поради што ја почувствувало. Не критикувајте, ниту осудувајте ниту кажувајте дека не требало така да се почувствува. Овде важно е да обезбедите љубов, топлина, емпатија и атмосфера на доверба и поврзаност.

3. Цртеж на љубомора

Побарајте од детето да ви ја нацрта љубомората и потоа разговарајте и откријте нови елементи кои ги содржи цртежот. Запомнете дека децата полесно се изразуваат преку цртеж и можете многу да откриете преку него.

4. Подгответе го детето за раѓањето на негов брат/сестра 

Уште додека бебето е во стомакот, дозволете му на детето да ги осети движењата на бебето. Зборувајте, пејте му заедно со детето на бебето. Разговарајте колку е убаво да има брат/сестра и што се заеднички може да прават. Нека ви помогне детето околу средувањето на собата, алиштата, пелените на бебето. Укажете му дека тоа на почетокот често ќе плаче бидејќи неможе да зборува и да каже дали е гладно, дали му се спие и ќе мора мајката или таткото да го смират. Со ова, нема детето да биде изненадено кога ќе се соочи со плачот на бебето и ќе знае зошто мајката отишла кај него.

5. Никогаш не ги споредувајте децата

Било да се брат/сестра или вашето дете со други деца, споредувањето само носи лоши последици и на тој начин се пренесува пораката : “Јас не сум доволно добар како тој/таа.” Наместо тоа и критикување, истакнете што е добро кај дететои негувајте ја различноста и уникатноста на децата, но не  на начин на воздигнување и потценување на само едното дете.

6. Поминете заедничко фамилијарно време

Посвете си време еден со друг поминувајќи време заедно со семејството или играјте некоја забавна игра. Така ќе создадете позитивна конекција меѓу вас а и ќе развивате поголема близина меѓу децата.

 

Доколку се соочувате со тешкотија во справувањето со љубомората кај детето, контактирајте не и закажете термин.

 

One thought on “Љубомора кај деца- причини и справување

  1. многу убаво е објаснена љубоморатакај децата
    но јас сакам да прашам дали може да закажеме термин за 16годишно дете

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *