Ова е термин кој во последно време е актуелен и многу се пишува за него и сега ќе го објасниме. Имено, да се биде во комфорна зона значи буквално да се биде во удобен простор, позиција, положба. Ако го преведеме во терминот на психологијата,тоа е зона во која сме научени да бидеме. Значи станува збор за научено однесување, живеење кое до извесно време ни би ок или сеуште ни е ок. Прашањето е што е тука проблем? Во зоната на комфор царува рутината, секојдневието, монотонијата, здодевноста и тука не се случува ништо ново. Нема “пеперутки”, нема возбуда, нема радост, нема учење на нови работи. А кога ова го нема, нема ни личен развој.

Особатата сеуште е со истиот парнер иако веќе не чувствува задоволство, ниту конекција со него; или особата се држи до истото работно место кое веќе долго време не ја исполнува или е незадоволна; прошетките или патот до работното место секогаш е по истиот пат, особата секој ден пие кафе на едно место итн итн.
Размислете за вашата зона на комфор! Како вие ја доживувате? Ви пречи или сеуште ви е удобна?
Што стои во позадина на зоната на комфорот? Зошто некој упорно останува во неа иако веќе не доживува задоволство, па дури и станува стресна?
Одговорот е стравот. Стравот да се променат работите макар и секојдневните активности, значи дека не би постоела сигурност дали работите ќе бидат исто толку добри како и претходно. Чувството на несигурност е доста моќно и тоа е она што ја разнишува самодовербата на особата. А стравот е присутен и блокира, кочи. Кочи да се тргне кон акција иако можеби телото се мобилизира и дава знаци дека промена е потребна. Има врска и со на границите на особата колку е подготвена да ги прошири или пак ригидно се држи до нив.
Излегувањето од комфорната зона значи оставање на она што е познато, сигурно и тоа дава едно анксиозно чувство кое непријатно за особата.
Што е бенефитот од излегувањето од комфорната зона?
На почетокот промената делува не
секојдневно, невообичаено, можеби нелагодно, но како што напоменав, тоа е само навика додека телото и умот не ја прифатат промената. Тоа е како возење велосипед кој на почетокот во учењето оди потешко, несигурни сме, плашливи, но како што вежбаме повеќе ја усовршуваме вештината и сме сигурни во самите себе и сами без помош можеме да возиме. Овде би сакала да напоменам, дека и важно е децата да ги охрабруваме да ги пробуваат новите работи бидејќи на тој начин им ја пренесуваме и себеподдршката во понатамошниот развој самите да се охрабруваат да пробуваат и истражуваат нови работи, односно да излезат од комфорната зона.
Значи, со комфорната зона си ја јакнеме самодовербата. Полни сме со нова енергија, мотивирани, иницијативни и со “пеперутки” до следното излегување од зоната. Но, напоменувам, постојано, за краток период излегување од неа не е добро, бидејќи на организмот потребно му е време да ја “соџвака” промената и да се прилагоди, за потоа подготвен да пристапи кон следната. Иначе, за кратко време излегување и впуштање во нови искуства води до исцрпеност на организмот и преплавување со анксиозност, ужас итн.
Како да излезете од комфорната зона?
- Најнапред, пристапете и на нов начин на перцепција. Сфатете дека се што се случувало во зоната е само навика. А како велат: “За секоја навика, има и одвика”;
- Нацртајте како изгледа вашата зона на комфор и колку и да ви е смешно, поразговарајте со неа. Можеби нешто ќе дознаете.
- Препознајте го стравот и анализирајте колку е реален и остварлив;
- Напишете на хартија кои се бенефитите (позитивни и негативни) кои би можеле да се случат ако излезете од зоната на комфор и кои се побројни од нив;
- Бидете свесни за стравот и сфатете дека само со соочување со него може да го надминете. (сетете се на некоја ситуација во која сте го надминале стравот и како тогаш сте се чувствувале?);
Запомнете: “Храбар човек не е човек кој не се плаши, туку тој кој се соочува со сопствениот страв.”

