Стравови кај деца и адолесценти

Стравот е примарна, вродена емоција кој има функција да го заштити организмот од опасност. Според ова, стравот има исклучително важна заштитничка улога без која човекот не би опстојувал.

Во текот на развојот кај децата се јавуваат стравови и за нив велиме дека се развојни стравови, и нормални за одреден период во кој се јавуваат, се додека не ескалираат па детето покажува и други пропратни симптоми за кои е потребна стручна помош во совладувањето на стравот. Првите стравови почнуваат да се јавуваат од околу 6-8 месец од раѓање и се нарекува сепарационен страв. Овде важна улога има фигурата која воспоставила стабилна емоционална поврзаност со детето,  најчесто тоа е мајката. Доколку односот мајка-дете подложел изминатиот период на доверба, стабилност, љубов,  навремено задоволување на потребите  на бебето, тогаш веќе се создала основа за однос на доверба на детето кон мајката и во тој случај кога мајката нема да биде присутна бебето не покажува особен интензивен бес и страв, бидејќи веќе тоа ја присвоило постојаноста на мајката. Но, доколку тој однос се развил нестабилен, велиме дека е однос создаден на недоверба и тогаш детето кога мајката не е присутна или амбивалетнта кон него, реагира со силна вознемиреност, страв, плач кој тешко се смирува, раздразливост итн. Околку 8-9 месец се јавува стравот и од непознати лица и некаде го забележуваме заедно со сепарациониот страв и во втората година кога детето го подготвуваме за одење градинка и кога ќе се одвои од мајката или друг член од семејството. Во втората година се јавуваат и стравови од инсекти, змии, кучиња, дури и од вода која создава чувство на неконтрола и преплавување па детето одбива да се бања во када, или на море. Како што се развива имагинацијата, искуството и гледањето на цртани филмови околу 3-4тата година  се јавува страв од мрак, вештерки, вампири,чудовишта па и од забар, доктор, полицаец,крадец итн. Стравот од мрак за детето значи да се препушти на сонот и нешто непредвидливо да му се случи. Децата во суштина имаат потреба да контролираат и да се чувствуваат сигурно. Овој страв може да продолжи и во 5тата година проследен со имагинација за чудовишта или вештерки кои би дошле во мракот. Односно, детето станува свесно за реалните опасности кои може да му случат нему или на некој од родителите. И овој период се јавуваат и стравови од природни појави, повреди, крадци… Со тргнувањето во училиште некои од стравовите остануваат како на пример од крадци, природни појави,всушност децата стануваат се посвесни за реалните опасности, па дури и се соочуваат со смрт на домашното милениче или некој член од семејството и се јавува и стравот од смрт. За овој период карактеристичен е стравот од училиште или училишна фобија. Детето е сега веќе во период на прилагодување на нова средина, нови правила, барања, на очекувања на наставничките но и очекувања за себе. Се развива сликата за своите способности, себевреднувањето, подреденост/надреденост од групата врсници. Сите овие психолошки аспекти може да создадат притисоки одбивност кај детето да влезе во училиште и да пројави силна вознемиреност проследено со плач кој не се смирува, страшни мисли, ноќни кошмари, несоница и физиолошки симптоми како тахикардија, дијареа, стомачни болки, главоболки итн. Овде значајно е  родителот да побара стручна помош (психолог, психијатар) бидејќи ова е тежок период и за детето и за родителот и семејството, а е проследен со анксиозност, исцрпеност, нервоза, бес, а единствениот начин да се помогне е со помош на стручно лице детето да поработи на одредени психолошки аспекти и соодветно да се соочува со стравот.

Адолесцентниот период  е период како на физички, така и на психички промени на личноста. Се развива апстрактно мислење, па веќе и стравовите се егзистенцијални, односно тоа се стравови од губење на блиска особа, од опасни особи кои би им наштетиле, страв за сопствената иднина, стравови од војни, стравови од одбивање од групата врсници кои и те како имаат значајно влијание и улога во нивниот живот.

Во справувањето со стравовите важно е да се напомене дека на детето му е потребна сигурност, топлина и смиреност од родителот. Никакво притискање не е корисно да се соочи со стравот., ниту изјави :”Нема потреба да се плашиш”, “Ти си храбар” “Голем/а си да се плашиш” итн. Овие изјави ништо нема да му значат на детето ниту пак детето ќе се смири или утеши. Исто така, родителите треба да бидат свесни за своите стравови дека се нивни проблем и да не ги пренесуваат и на децата бидејќи со тоа ја пренесуваат и вознемиреноста на детето.  Консултирајте со психолог, психотерапевт доколку се чувствувате беспомошно во помагањето со соочувањето на сопствениот страв или пак стравот на детето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *