Споредувањето со другите води кон депресивност

Светот кој сега го живееме и се поголемата достапност на животите на другите на социјалните мрежи може да нè доведе до депресивно расположение па и до подлабока депресија. Зошто е тоа така? Се обидуваме да го гледаме животот на другиот/те и сите убави и задоволства кои тој/тие ги прикажува и посакуваме таков живот. Мислиме дека животот на другите луѓе е поубав и без проблеми како нашиот.  Се прашуваме: “Зошто јас немам таков живот?” Тогаш стануваме свесни за нашите недостатоци и ја искривуваме нашата перцепција за нашиот живот дека е “никаков”. Истоврмено го посакуваме тоа што другиот/те го има, а ние го немаме, па и нашето го обезвреднуваме. Меѓутоа, овде акцент би дала не на посакувањето, туку на нашиот фокус кон нашите недостатоци како личности и рангирање на себе си на пониско ниво од другите. Зошто јас не сум толку успешна како тој/таа? Зошто јас не сум храбра како тој/таа? Зошто не сум богата како неа/него? Зошто не сум згодна како неа? Или мојот живот не е толку интересен и возбудлив како на другите, зошто е тоа така?Каде грешам? Сето ова води до себепотценување и притоа себекритикување за работите зошто ги нема особата , како и појавување на негативни мисли и незадоволство. Се јавува и чувство на лутина на себе, бидејќи особата се смета дека “не е доволно добра”.  Понатаму присутна е и деструктивна завист кон другите и разочарување во себе за својата неуспешност. Сето ова ако е на подолг период може особата да ја доведе до депресивност и присуство на чувство на безнадежност дека неможе да излезе од тој круг. И навистина тој круг е бесконечен, бидејќи на социјалните мрежи се поставени разни искуства на “убав живот” на луѓето кои постојано ги гледаме и ги посакуваме сите да ги имаме . Пр сакаме да сме згодни како оние фитнес девојки/мажи , па следниот пат како скроламе посакуваме и удобство на брод, посакуваме и богат живот (ова е релативна работа на перцепција за богат човек), посакуваме разни шетања по светов итн.

Често и од родителите на малите деца  слушаме”Види како брат ти е помирен од тебе!”, “Сестра ти носи повеќе петки од тебе!” ,”Ти само се лутиш, а брат ти не!” итн. Овие негативни пораки упатуваат уште од мала возраст на детето дека сепак  не е добар/ра и треба да биде ист како другите.

Од друга страна, споредувањето може да има и корист. Тоа може да ни служи како мотивација да си го подобриме личниот развој, да се себеанализираме и да си ги откриеме своите недостатоци во однос со другите, и да работиме на сопствен напредок.

Важно е да бидеме свесни дека на социјалните мрежи се објавуваат  само позитивните аспекти од животот. Нема човек кој не се соочува со проблеми и предизвици, а тие ретко кој е спремен да ги сподели и да ја прикаже својата ранливост.

Особата добро е да работи на својата свесност за своите предности, својата самодоверба и на позитивната слика за себе. Да знае која е и кој се нејзините потенцијали, но најважно е да си ги вреднува своите искуства како значајни. Секое искуство е различно и сите луѓе различно го доживуваат и се справуваат. Да научат да си ги вреднуваат своита акции кои ги превземаат во животот.

Да се насочиме кон сегашноста. Што имам јас, а тој другиот нема? Можеби и моето некој ми го посакува. Изрази благодарност за тоа што го имаш и прифати дека постојат разлики меѓу луѓето. Наместо да се себекритикуваш, таа негативна енергија претвори ја во позитивен труд да се подобриш себе си. Следи го напредокот за 3 или 6 месеци колку си постаигнал/ла од претходно поставената цел.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *