Често и нормално е во текот на развојот на детето, кога ќе се одвои од родителот или оној кој се грижи за него, да изрази плачење, бес, негодување, неприфаќање и тантруми. За разлика од овие деца, оние деца кои имаат сепарациона анксиозност (СА) доживуваат екстремен стрес, вознемиреност при разделбата. СА се појавува уште во 8-10 месечна возраст и бебето реагира со плачење кога ќе биде оставено само или кога фигурата од доверба не ја гледа. Оние деца кои се во процес на прилагодување во градинка појавуваат симптоми при разделбата. Понатаму честа е во периодот и на школска возраст, а се провлекува и во адолесценција.

Кои се симптомите на СА?
Детето покажува интензивна вознемиреност кога треба да се одвои од родителот или друга особа која за него е позната и се грижи;
Постојано покажува загриженост и страв дека нешто лошо ќе им се случи на родителите или оној кој се грижи за него;
Постојано барање, јавување на родителот каде е и дали е добар;
Следење на родителот како сенка;
Избегнува да оди во училиште од необјасниви причини;
Страв да остане само;
Одбива да спие надвор од домот;
Заспивањето бара со родителот да биде;
Ноќни кошмари околу одвојувањето и оставањето;
Психосоматски симптоми пред и за време на разделбата (болки во стомак, главоболки, дијареа, покачена температура..), а кои ќе се смират кога ќе биде дома, се до следниот ден кога повторно ќе треба да ја искуси разделбата.
Кај повеќето деца некои од симптомите и однесувањата постојат, што немора да значи дека е СА, но кај децата со СА симптомите и однесувањето е интензивно, доста вознемирувачко и необјасниво за родителот. Па така, на почетокот родителот се обидува да биде смирен и да му удоволи на детето, но избегнувањето на разделбата станува тешко, неподносливо за родителот, трае подолго време и тогаш одлучуваат да побараат стручна помош.
Причини за СА
Бидејќи станува збор за анксиозност, причините се биолошки и некои деца се склони да развијат анксиозност. А дополнително и околината влијае, особено родителскиот воспитен стил. Па така, со премногу строг и крут воспитен стил, а од друга страна со презаштитнички стил, го прават детето несигурно, со недоверба во себе и страв што е во основата на анксиозноста. Може да постои и особа со анксиозни проблеми во неговата околина па таа да му биде модел на детето.
Но исто така, како што напоменав и околината влијае, односно искуствата и ситуациите со кои се соочува детето. На пр. преселба, развод на родителите, чести интензивни караници меѓу родителите, болест или смрт на член од семејството, смрт на миленичето, раќање на брат/сестра и други трауматски искуства за детето. A честа е и појавата кај деца при подолго боледување, на крај на летото и почетокот на учебната година.
Помош
Симптомите кои детето ги пројавува стануваат загрижувачки за родителот и неговиот праг на толеранција е надминат и тој се чувствува беспомошен. Иако состојбата е тешка, неподнослива, со непроспиени ноќи, сепак како и секоја друга анксиозност може да се надмине. Понекогаш и фармаколошка терапија помага при екстремна анксиозност, но психотерапијата е од голема помош и нужна при СА.
Затоа не се двоумете да побарате психолошка, психотераписка помош. Покрај на детето, можеби и на вас ќе ви биде потребна поддршка низ тој процес на надминување.
А одредени стратегии може и дома да ги примените со детето:
-Прифатете отворено со детето дека се соочува со проблем кој потребно да се решава;
-Второ, не му зборувајте на детето дека нема од што да се плаши, дека се е во ред. Детето знае дека не е ова точно. Тоа чувствува и неговиот страв е реален за него. Уважете го и дозволете му да го изрази, вербализира, наместо да го потиснува во него.
-Разговарајте колку е реален тој страв и што би направиле да се соочите со него. Со ова го учите детето дека само ако се грижи и ништо не превзема, нема ни да го надмине стравот.
-Направете заеднички “план во кризна ситуација”. Со ваша помош детето нека запише или нацрта што ќе направи кога ќе се соочи со стравот. Пр. учете како правилно низ стомак да дише, да се јави само еднаш до двапати дневно на телефон кај вас, да си го гушне омиленото мече итн. Овој план ќе му биде потпора и сигурност на детето и ќе знае која активност да ја примени во “криза”
-Кај децата од предшколска возраст многу помагаат книги со содржина за страв и другите емоции и таму можете да најдете некоја стратегија која главниот лик ја применил и вам ќе ви користи.
