Општеството во кое живееме постојано тежнее кон производ, успех, постигнување и овие општествени постигнувања во нас се вкоренети со доживувањето дека вредиме како особи само ако постигнеме успех и тоа биде видено во очите на другите. Овде би запрашала: “Дали ако мојот успех (она што по моја дефиниција е успех) не е виден, препознаен од другите и притоа не е пофален или награден, значи ли дека помалку вредам или воопшто не вредам како другите?” Токму ова себевреднување кое зависи од успешноста т.е препознавањето на мојот успех од другите (шефот, пријателите, некој за кој го сметам за авторитет итн) е нестабилно чувство на сопствениот идентитет кој како клацкалица оди горе- доле и ги карактеризира лицата со нарцисоиден образец на однесување (не споменувам нарцисоидна патологија бидејќи класифицирањето на луѓето според дијагнози, ни го попречува нам терапевтите терапевсткиот однос со луѓето кои доаѓаат на психотерапија и затоа како термин ќе го користам “нарцизмот” како личносна карактеристика и образец на однесување). Меѓутоа нарцизмот се пронаоѓа и во оние ситуации кога некоја особа се чувствува и најнесреќно и кога перцепцијата нејзина за себе е дека е потценета, безвредна , непосебна и чека да ја сожалуваат и да ја видат нејзината ништожност која е (повторувам, по нејзино доживување) е најтешка на свет.

Нарцисот чека аплауз, посебно признание, титула и огромно сожалување за ситуацијата која се наоѓа. Кога не го добива тоа што чезнее тогаш е во очај и потрага по “жртва” која ќе го спаси од ситуацијата. Во ваков однос кон другите нема искрен, спонтан, интимен однос полн со толина и почит. Туку битисувањето негово е во експлоататорска зависност од другиот некој важен за него.
Од друга страна, на другиот екстрем е ехозмот и ги опишува луѓето кои чувствуваат нелагодност кога ќе добијат комплимент, признание итн и остануваат во сенка и се плашат да се чувствуваат посебни и да се истакнат. Доживуваат интензивен страв да не се биде нарцисоиден во било кој начин.
И во двата ектреми родителството игра клучна улога. Раниот развој и пораките вербални и невербални упатени кон детето се клучни. Нарцисоидното дете е дете кое не е препознаено од родителите во некоја област која за која можеби има потенцијал, ниту е пофалувано за неговиот труд. Или љубовта е условена само ако постигне нешто. Посрамотено, понижено дете за своите потреби. За ехоистите, родителите често го казнувале или посрамотувале детето кога ги изразувало своите чувства и потреби и тоа живее со доживување: “За да бидам сакан треба што помалку да барам од други луѓе/ да си молчам бидејќи моите чувства не вредат”.И во екстремни ситуации ехоистите остануваат без глас. (Ехо синдром води потекло од истоимената планинска нимфа која е казнета од Хера така што го изгубила гласот и да ги повторува последните зборови од разговор).
Ехоистите привлекуваат нарциси и тука се врти кругот на сопственото доживување бидејќи присуството на нарцисот ги уништува.
Ехоизмот е особина која е создадена од одбранбен механизам за преживување во несигурен образец на приврзување кон родителот (insecure attachment) во кој нарцисоидниот родител ги занемарува емоционалните потреби на детето, го понижува, засрамува. И детето учи да не се наментнува на другите, да не се заземе за себе, свои мислења, чувства , за да родителот нарцисоидниот родител биде задоволен, а тоа сакано. И како возрасен го следи доживувањата дека можеби ќе им биде терет на другите ако побара нешто и избираат сами да се борат колку и да им е тешко и никогаш да не си ги признаат своите постигнувања.
Тоа што треба да го знаеме е, наоѓајќи се во некој од овие два екстрема не носи ништо добро за менталното здравје на една личност, но интегрираноста и наоѓајќи се себе си некаде помеѓу, поблиску-подалеку од половите во различни ситуации- води до себерегулирање во животот. Всушност, ментално здравата особа во разни животни ситуации поседува карактеристики и на нарцизам и ехоизам и тие се важен двигател за развој на првото, самодовербата, и свесност дека не секогаш “моето е најдоброто “, туку и давање признание на другото.
Кон кој пол повеќе тежите? 🙂
