Многумина делумно знаат заради што е потребно партнерите да постават граници во врската. Тоа се должи на на нискиот степен на свесност за себе и другите. А многумина и не се доследни во своите граници во врската поради стравот од конфликти, напуштање на другата особа. Почесто се случува кај женскиот пол да се однесуваат недоследно поради начинот на воспитување, а тоа е да се биде послушна, “да му служи на мажот”, односно да биде потчинета за да ја сака мажот. Според ваквите воспитувања, љубовта треба да се заслужи, што е и те како токсично за потчинетата особа.
Да се постават граници во врската не значи да се биде ригиден во врската, туку пред се значи почитување на партнерот и неговата приватност. Самото непочитување на границите кои ги поставува партнерот значи и непочит на личноста негова. Сите имаме потреба да бидеме почитувани, а длабоко во почитувањето на границите стои пораката: “Прифати ги моите верувања, идеали, стремежи, слобода”
За да поставиме граници во нашиот однос со партнерот најнапред потребно е да сме свесни за себе-кои сме, какви сме, што сакаме, што ни е потребно во тој момент, кон што се стремиме. Запознавајќи се себе си, ќе можеме и да го запознаваме партнерот и ќе ги разбереме неговите граници и која неговата потреба. Нужно е за здрава врска со партнерот бидејќи и двајцата развиваат себепочит и се чувствуваат удобно во врската. Потоа потребна е комуникација со партнерот која е секогаш пресудна “алатка” за здрава интимна врска. Многу партнери очекуваат нивниот партнер дека треба да знае што тој/таа сака и кои се неговите/нејзините потреби што води до заблуда и разочарување од негова страна. Па така ќе каже: “Требаше да знаеш дека и јас сакав да излеземе вечерва” или “Ме разочара, очекував многу повеќе од тебе”. Затоа секогаш искрено,отворено разговарајте, споделувајте ги сопствените чувства и потреби со партнерот и никогаш не претпоставувајте, туку прво проверете ја вистинитоста на вашите претпоставки.
Стравот од напуштање и несигурноста играат клучна игра во некои партнерски односи при поставувањето граници. Тоа со себе носи анксиозност и мисли: “Каде ќе барам нов партнер?”, “Дали ќе успеам да најдам?”, “Како ќе биде со новиот партнер?” итн. и ова води до останување во врска од која сме незадоволни и по цена на агресивно рушење на сопствените граници од партерот. Во овој случај особата потребно е тераписки да работи на себе и својата неигурност, како и сликата за себе која несвесно ја пројавува, а партерот ја злоупотребува.
Од друга страна, чести се размислувањата ако се постават граници во врската значи и повредување на чувствата на парнерот. Ова може да биде предмет на повторна манипулација на партнерот кон кого се поставени границите, па на тој начин особата трпи на нејзина штета. Запомнете: Вие не сте одговорни за туѓите чувства и реакции. Вие само споделувате како би сакале да бидете третирани (притоа не мислам како објект на третирање дека сте, туку му ги прикажувате на партнерот вашите потреби), Но, ова не значи дека агресивно ќе ги држите границите на начин на манипулирање со партнерот за да си го добиете своето и излезете победник. Клучот е во умереноста, отвореноста, искреноста кон партнерот. Ако си ги прекршите границите заради стравот од реакцијата на партнерот, тогаш црвениот аларм се пушта. А телото со тек на време ќе ви укаже на тоа доколку свесно умеете да ги препознаете знаците.
Сепак, најважна вредност која секој ја цени е слободата. Да бидеш во врска, а да се чувствуваш слободен. На овој начин само со почит на слободата, приватноста, границите на партнерот, ќе успеат партнерите да го развиваат здравo својот потенцијал. Тие со сопствена свесност и и избор одлучиле да стапат во врска и важно е да научат да се доближуваат и оддалечуваат, да даваат и примаат обострано.
На крајот, ќе ви ја презентирам гешталт молитвата која навидум изгледа себична, но носи длабока филозофија на живеењето. Вели:
“Јас сум јас, ти си ти.
Јас го правам своето, ти го правиш твоето.
Јас не сум на овој свет да ги задоволам твоите потреби, ниту ти си на овој свет да ги задоволиш моите.
Ако се сретнеме ќе биде прекрасно, ако не , не се може ништо.”

