Високо сензитивна особа (ВСО во понатамошниот текст) како и сите категории на луѓе потребни му се на овој свет. Зошто вака започнувам? Обично, културолошки осетливите особи не се толку пожелни и бирани од други луѓе бидејќи се категоризирани како “слаби”, “кукавици”, “неиздржливи” итн. А во суштина овие луѓе се спротивност од овие споменати етикети со таа разлика што овие ” осетливите” јавно и поинтензивно ги доживуваат емоциите од другите особи. Да се биде ВСО и да се има ВСО дете (види хиперсензитивно дете https://mojapsihoterapija.mk/hipersenzitivno-dete/) e навистина предизвик во овој свет односно во темпото со кое се живее во овој свет. Општеството како повеќе да ги бира оние другите кои се покажуваат поборбени, високо успешни во перформансите, “јаки”, “неплачковци”, моќни, доминантни итн.

Ова не е обесхрабрување за ВСО туку напротив освестување за сопствените квалитети кои ги поседуваат ВСО, а со кои несвесно “работат”. ВСО се 20% луѓе од вкупната популација (според истражувањата на Елејн Ајрон, пионерка во работата со ВСО и нејзината позната книга “Високо сензитивна особа”) и тоа покажува дека бројката не е мала и дека постојат луѓе слични како ВСО кои делат слично или исто однесување.
Кои се карактеристики на ВСО?
*со поголем интензитет ги чувствуваат емоциите
*осетливи се на физички, емоционални и социјални дразби
*бидејќи поинтензивно чувствуваат побрзо емотивно се изморуваат и потребен им е физички и емотивен мир
*склони кон перфекционизам
*склони кон анксиозно однесување
*интуитивни се
*имаат интерес за креативна работа (цртање, сликање, танцување, фотографирање, пишување….)
*покажуваат висока емпатија кон другите , добри слушатели
*побрзо покажуваат “burnout” доколку се префорсираат или се под притисок да извршат некоја задача
*може да се екстравертни, но потребна им е задолжителна интровертност за да го најдат мирот
*борци за правда, шаренолика фантазија
*можно е да се склони кон избувливост
*можно е да им пречат некои појаки звуци, светло и материјали на облеката (често присутно кај децата)
*кај децата на помала возраст присутни јаки тантруми, изразена раздразливост, плачливост, будност кое доведува до чувство на немоќ кај родителот(познати како “тешки деца”)
*претерано размислуваат, длабоко когнитивно процесираат
*се чувствуваат поинакви, и имаат уверување дека нешто не е во ред со нив
*креативни, страсни, заљубени во уметност, водат длабоки филозофски разговори, за смислата на животот
*лесно се вознемируваат од нечија тешка животна приказна
*добро ги “читаат” другите , запазуваат детали

Тоа се луѓе кои ако ги погледнете карактеристиките ќе ги видите луѓето кои зрачат со креативност и оние кои доволно ве сослушале и ви се понудиле за помош или ви помогнале. Тие се добри организатори со одлични резултати во нивната работа. Амбициозноста е составен дел од нивната личност и затоа имаат добри перформанси.Но, ако амбициозноста во комбинација со перфекционизмот се здружат тогаш продуктот е загарантиран и успешен , бидејќи го прават најдоброто што мислат дека е и тоа е признаено од околината. Но,од друга страна ,доколку се префорсираат доживуваат burnout(прегорување) од кој потребно е време да си ја повратат енергијата. Затоа е потребно однапред свесно да ја канализираат енергијата за трудот со почесто вклучени паузи во кои ќе ги полнат батериите (ги споменувам овде ВСО мајките кои во грижата за домот, децата, работата често се доведуваат до емоционално преплавување и чувство дека повеќе мозокот не им прима повеќе информации). Тоа е аларм за burnout и време во кое ќе ги остават започнатите работи и едноставно ќе лежат покрај децата или ќе танцуваат на музика).
Многу е важно особата да се прифати и признае на себе дека е ВСО, наместо да се принудува и притиска себе, за потоа другите да ја прифатат. И во тераписката работа насоката за работа е во поставувањето граници кон другите, работа на претерано размислување, високиот перфекционизам, изворот на анксиозноста, усвојување вештини за работа со стрес итн. Да поминуваат време сами и да ги прават работите за кои имаат интерес и на тој начин ја смируваат емоционалната преплавеност и раздразнетиот нервен систем. Бидејќи се осетливи на телесните промени, често се нервозни кога се гладни или неспиени. И внесот на кофеин, алкохол може дополнително да ги вознемири и веќе онака лесно раздразнетиот нервен систем , па потоа проблемот психички да си го анализираат. Затоа препорачливо е да имаат рутина во денот и телесно да се негуваат и тоа е основа за добро да се чувствуваат.
Генерално, особините кои ги поседува некоја ВСО не значи дека и сите тие особини и друга ВСО ќе ги поседува, туку во некоја мера некои повеќе или помалку ќе ги има. Важно е препознавањето и себеприфаќањето и потоа креирање рутина , структура, стил на живот соодветен на ВС нервен мозок.
